Концертот под мотото „Звук што расте“ се одржа вчеравечер на „Охридско лето“ донесувајќи младешки елан и истовремено високи креативни вредности на младите уметници на кои допрва им претстои блескава кариера. Диригент на вечерта беше маестро Иван Еминовиќ, а солисти Памела Велкова на виолина и Христијана Матевска на хармоника.
Според маестро Еминовиќ, голема е честа на да се соработува со Музичката младина на Македонија, особено на ваков јубилеј.
-Чест е да се работи со овие млади музичари кои се врвни во својата дејност. Јубилејот ќе биде одбележан со три концертни вечери, во Охрид и во наредните две вечери, во Битола и Скопје. Ќе дадеме одлични концерти за да го одбелележиме достојно овој јубилеј, рече диригентот Еминовиќ кому ова му е четврта соработка со оркестарот на МММ.

Камерниот оркестар на Музичката младина на Македонија е основан како прв сегмент на Летниот музички камп на МММ во 1986 година во Охрид, и оттогаш повеќе од 400 млади музичари биле дел од овој уникатен состав. Диригенти и уметнички раководители биле Ф. Муратовски, Г.Коруновски. С.Николовски-Ѓумар, М. Спасов, Б.Цанев, Б.Чадловска, А.Ремерајт, О.Кондратенко, М.Кац, Џ.Мартиненги, Е.Митревска и И.Еминовиќ.
Веќе 40 години завршниот концерт на летната сесија на оркестарот е дел од програмата на „Охридско лето“, а во последните години и на фестивалите „Скопско лето“ и „Битолско лето“. Од 2018 година, оркестарот го носи името на македонскиот диригент Саша Николовски-Ѓумар.