Што кажува должината на женската сукња за нејзиниот карактер? Според италијанскиот министер за надворешни работи Антонио Тајани, многу повеќе отколку што би требало. Во говор минатата недела тој рече дека на својот син би му препорачал да се ожени со „сериозна“ жена која носи подолга сукња, бидејќи таа би била посигурна, поскромна и поверна. По лавината реакции, Тајани се извини. Но, неговите зборови отворија многу пошироко прашање: зошто женската облека сè уште се користи како мерка за нејзиниот карактер, сексуалност и морал?
Кога сукњата станува мерило за карактер
Тајани, кој е и вицепремиер на Италија, зборувал за тоа каква партнерка би му препорачал на својот син. Во неговата замислена споредба, изборот бил меѓу жена која е поупадлива и друга, помалку впечатлива, но која носи подолга сукња.
Тој ја опишал втората како „посериозна“, „посигурна“ и како жена која би била добра мајка и би останала верна на љубовта запечатена со брак.
Проблемот со ваквото размислување не е во тоа што некој има личен вкус за облека. Секој има право да сака долги или кратки сукњи, костуми, фармерки или што било друго. Проблемот настанува кога должината на облеката се претвора во проценка на карактерот. Кога кратката сукња почнува да значи дека жената е „впечатлива“, но потенцијално помалку верна, а долгата дека е „сериозна“ и посигурна, облеката престанува да биде само облека.
Станува морална категорија.
А кој решава што е „пристојна“ жена?
Токму тука се наоѓа сржта на реакциите во Италија. Критичарите на Тајани не го нападнаа неговото право да има личен вкус. Прашањето беше зошто тој вкус се претставува како критериум според кој може да се проценува каква жена е подобра партнерка. Дали жена со мини-здолниште е помалку сериозна?
Дали жена со деколте е помалку верна? Дали жената што сака да изгледа атрактивно автоматски е полоша мајка? И што точно кажува една сукња за тоа каков човек е нејзиниот сопственик?
Ништо.
Сукњата не може да покаже дали некој ќе биде верен партнер, добар родител, чесен човек или одговорен граѓанин.
Но, идејата дека може да покаже нешто од тоа е стара колку и поделбата на жените на „пристојни“ и „непристојни“.
Сенаторките одговорија со мини-здолништа
Одговорот на италијанските опозициски сенаторки беше визуелен и намерно ироничен. Женски претставнички од Демократската партија, „Италија Вива“, Зелената и Левичарската алијанса, Движењето „Пет ѕвезди“ и други опозициски групи се појавија во Сенатот со здолништа, протестирајќи против изјавата на Тајани.
Рафаела Паита од „Италија Вива“, која ја предложи иницијативата, порача дека слободата на жената подразбира право сама да одлучува како ќе се облекува, вклучително и колку ќе биде долга нејзината сукња. Пораката беше едноставна: должината на сукњата не ја одредува вредноста на жената.
Други опозициски политичарки објавија фотографии во кратки здолништа на социјалните мрежи, а во протестот се приклучија и некои мажи.
Од извинување до нова рунда реакции
Откако изјавата предизвика лавина критики, Тајани се извини. Тој рече дека неговите зборови биле извадени од поширок говор и дека никогаш немал намера да ги навреди жените. Но, извинувањето не ја затвори темата.
Италијанскиот синдикат ЦГИЛ остро реагираше на поделбата меѓу „впечатливата“ жена и „сериозната“, „сигурната“ и „добрата мајка“, оценувајќи дека ваквиот начин на зборување потсетува на модел во кој мажите одредуваат како жените треба да изгледаат за да бидат сметани за пристојни. Од Италијанската бискупска конференција, пак, беше упатен повик кон почит кон жените и внимателен однос кон начинот на кој се гледа и зборува за нив.
Кога политичката изјава станува мем
Контроверзата дополнително се прошири откако Роберто Ваначи, поранешен генерал и политичар, се вмеша во дебатата. На прашањето дали претпочита жена со долга или кратка сукња, тој одговори дека повеќе сака жена без сукња. Неговата изјава дополнително ја пренасочи дискусијата кон начинот на кој женското тело се претвора во политичка и медиумска тема.
Во меѓувреме, фотографиите и мемињата со Тајани почнаа масовно да се шират на социјалните мрежи, а приказната ја презедоа и меѓународни медиуми. Поранешниот премиер Матео Ренци дури изјави дека Тајани станал „меме“, наместо министер.
Женската облека не е биографија
Оваа приказна на крајот не е за тоа дали некој сака долги или кратки сукњи. Тоа е сосема легитимен личен избор.
Прашањето е зошто од тој избор се извлекуваат заклучоци за карактерот на жената.
Жената може да носи мини-здолниште и да биде верна. Може да носи долга сукња и да не биде. Може да носи панталони и да биде одлична мајка. Може да не сака деца воопшто. Ниту една од овие работи не може да се прочита од должината на нејзината облека. И токму затоа прашањето што останува по скандалот со Тајани е многу поголемо од една политичка изјава:
Зошто жените сè уште мораат да докажуваат дека се „сериозни“ и зошто некој друг воопшто би имал право да го мери тоа во сантиметри?
Адријана Георгиев