Сатиричната емисија „24 минути со Зоран Кесиќ“ повеќе нема да се емитува на српската телевизија Нова С. Прекинот на соработката доаѓа по преземањето на компанијата „Адриа њуз нетворк“ од страна на португалскиот инвестициски фонд „Алпак капитал“. Од телевизијата наведуваат дека трошоците за емисијата биле превисоки во однос на комерцијалниот ефект, додека Кесиќ посочи дека влегле во „нелогични времиња“ со нови моќници.
Претставниците на „Адриа њуз нетворк“ (ANN) соопштија дека одлуката е донесена исклучиво врз економски и финансиски основи. Според нивната анализа, годишниот трошок за производство на помалку од 30 часа програма надминувал 500.000 евра. Оваа сума, како што наведуваат, не го опфаќала само авторскиот хонорар, туку и целосните продукциски капацитети, користењето на студиската опрема и ангажманот на вработените.
Од компанијата додаваат дека во споредба со комерцијалниот учинок, кој го оценија како маргинален, таквиот трошок не бил оправдан. Нагласија и дека финансиската дисциплина е неопходна за одржливост на медиумот и дека нема да подлегнуваат на јавни притисоци.
Сомнежите дека новата сезона нема да започне на 19 септември ги отвори самиот Зоран Кесиќ на почетокот на месецов. Тој на социјалните мрежи објави дека екипата го потпишала договорот уште во јуни, но потписот од другата страна изостанал со недели.
Кесиќ состојбата иронично ја опиша преку португалската песна „Фадо на тишината“, алудирајќи на молчењето на новиот сопственик, Педро Варгас Сантос Давид, кој во средината на август беше официјално впишан како директор во компаниите на ANN.
Авторите на „24 минути“ порачаа дека не е првпат во медиумите да се сведочи на процес во кој нешто успешно се претвора во ништо. Иако претставуваше едно од најпрепознатливите и најгледаните лица на телевизијата во изминатите години, проектот целосно заминува од оваа фреквенција.
Од телевизијата потврдија дека авторите планираат да продолжат со работа на сопствена платформа, а Кесиќ најави дека во наредните денови подетално ќе се обрати до јавноста за идните чекори.