На 14 октомври, со концерт на гитарското дуо „Милонга“, во состав Александра Кировска и Дејан Лазаревски, ќе биде отворено 21. издание на фестивалот „Златна лира“.
Дуото „Милонга“, формирано во 2024 година, обединува двајца гитаристи од различни генерации, чија соработка се темели на заеднички музички интереси и посветеност на камерното музицирање. Нивниот репертоар опфаќа дела од класичната гитарска литература, како и композиции инспирирани од латиноамериканската музичка традиција и современите музички изрази.
Програмата на концертот е обликувана околу експресивните и ритмичките особености на гитарската литература, со нагласено присуство на латиноамериканскиот музички идиом. Делата на Максимио Диего Пујол, Астор Пјацола и Зеќиња де Абреу, заедно со композиции од Јохан Каспар Мерц и Војислав Ивановиќ, отвораат простор за стилски контрасти, виртуозност и богата колористичка палета на двете гитари.
Дејан Лазаревски својата професионална дејност ја развива како концертен гитарист и педагог по класична гитара. Основното и средното музичко образование ги завршува во родниот Штип, во Државниот музички училишен центар „Сергеј Михајлов“. Студиите ги продолжува на отсекот за класична гитара на Факултетот за музичка уметност при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје, најпрво во класата на проф. Војислав Ивановиќ, а ги завршува во класата на проф. Тања Јанкова, кај која и магистрира.
Педагошката дејност е една од константите во неговата работа. Тој е професор по гитара во ДМУЦ „Сергеј Михајлов“ во Штип, а ангажиран е и на Музичката академија при Универзитетот „Гоце Делчев“ во Штип, со насловно звање вонреден професор. Во 2014 и 2015 година бил предавач на Семинарот за класична гитара во рамките на „Струмица опен фестивал“, а учествувал и во проектот „Music Entertainment“ на француска продукциска куќа, реализиран во рамките на МРТВ.
Како солист и камерен музичар, Лазаревски настапува на различни концертни сцени и во повеќе формации. Во 2017 година се претставува на Интернационалниот фестивал за гитара „Тремоло“ во КИЦ „Салон 19:19“ во Скопје. Во дуо со Виктор Пешчеров настапува на „Skopje Guitar Festival“ во МКЦ во 2015 година и во Horten Kulturskole во Норвешка во 2022 година, а со кларинетистот Иле Колев реализира камерни концерти на „Радовишко културно лето“ (2013), „Штипско културно лето“ (2014) и во Ликовниот салон во Велес (2015).
Во 2021 година настапува во гитарско дуо со Горан Тонев во Струмица и Штип, а солистички концерти реализира во Штип, Велес, Делчево и на „Штипско културно лето“ во периодот 2021–2025 година. Во поновата концертна активност се вбројуваат настапите со гитарски квартет во Камерната сала на Македонската филхармонија, во Офицерскиот дом во Битола и на „Штипско културно лето“ во 2023 година, како и концертот на „Гитар фест“ во Крушево со женскиот младински хор „Менада“ во 2024 година.
Од 2024 година со Александра Кировска настапува во гитарското дуо „Милонга“, со кое во 2025 година реализира концерти во Радовиш, Свети Николе, Штип и на „Лешочкиот камерен музички фестивал“. Континуитетот на солистички, камерни и педагошки ангажмани го обликува неговиот профил како гитарист кој подеднакво внимание посветува на изведувањето, ансамбловската соработка и развојот на младите музичари.
Александра Кировска (Скопје, 2001) потекнува од музичко семејство и уште во најрана возраст покажува изразена музичка љубопитност и талент. Веќе на петгодишна возраст ги создава своите први кратки композиции, а потоа започнува да изучува гитара во класата на проф. Тања Јанкова. Во текот на образованието настапува на бројни концерти, натпревари и семинари и се усовршува на мастер-класови кај Срѓан Тошиќ, Слободан Миливојевиќ, Росен Балкански, Дрилон Чочај, Столина Добрева и Никлас Јохансен. Средното музичко образование го завршува во ДМБУЦ „Илија Николовски – Луј“ во Скопје, во класата на проф. Борче Наумоски.
Добитничка е на први награди по солфеж и гитара на државни и меѓународни натпревари, а во 2017 година е избрана за најдобар инструменталист-солист на државниот натпревар по музика. Во 2017, 2018 и 2019 година одржува повеќе солистички рецитали во Скопје и низ земјата.
Во 2019 година, како најмлада учесничка на Интернационалниот фестивал „Сараевска зима“ во Сараево, настапува меѓу уметници од повеќе земји, а истата година освојува прва награда на меѓународниот натпревар „Полихимниа“ и се претставува во Clavierhaus во Њујорк. Нејзините рецитали од тој период наидуваат на одличен критички прием.
Во септември 2021 година реализира серија од пет солистички рецитали во Македонија, со настапи во Неготино, Гевгелија и Скопје, како и концерти во Белград и Истанбул. Во Белград настапува и во рамките на изложба на уметници од Јапонија, САД, Канада, Полска, Австрија и други земји.
Во 2022 година следува солистички концерт на „Лешочкиот камерен музички фестивал“, а во 2023 година настапува со гитарски квартет во Македонската филхармонија и на уште два концерта, меѓу кои и на „Штипско културно лето“. Во јуни истата година настапува како солист на електрична гитара на турнеја со пијанистката Лола Астанова.
Во јуни 2024 година Кировска настапува како солист со Македонската филхармонија во премиерна изведба на Концертот во Д-дур од Марио Кастелнуово-Тедеско. Студиите на Музичката академија при Универзитетот „Гоце Делчев“ ги завршува во класата на проф. Дејан Лазаревски со највисока оцена и е избрана за најдобар студент со највисок просек на Универзитетот.
Од 2024 година е член на дуото „Милонга“ со Лазаревски. Дуото настапува на „Лешочкиот камерен музички фестивал“, а во 2025 година реализира македонска турнеја со концерти во Свети Николе, Радовиш и Штип. Истата година Кировска настапува на Bellapais Music Festival во Северен Кипар, а во септември следуваат солистички концерти во Штип, Радовиш и во Македонскиот културен центар во Истанбул.
Покрај класичната гитара, Кировска свири и електрична гитара, изведува неокласична музика и други музички стилови, самостојно изработува аранжмани и негува жанровски разновиден изведувачки пристап.
Влезот е слободен.
