Жените рушат машки рекорди на најдолгите трки на издржливост

Жените сè почесто ги надминуваат машките рекорди на екстремно долгите трки, каде разликата во издржливоста значително се намалува.

 Екстремно долгите трки покажуваат дека разликата меѓу мажите и жените во издржливоста значително се намалува

Жените сè почесто поставуваат најдобри резултати во најдолгите дисциплини на издржливост, а некои од нив успеваат да ги надминат и дотогашните машки рекорди. Еден од најновите примери е новозеландската ултрамаратонка Софи Вудс.

Вудс помина околу 2.000 километри по патеката „Виа Алпина“, од Трст до Монако, низ осум земји и со повеќе од 100.000 метри искачување. Патувањето траеше 29 дена, при што во просек спиеше само три до четири часа дневно. Со тоа ги собори и женскиот и вкупниот рекорд на патеката, а машкиот рекорд го надмина за повеќе од една недела.

Нејзиниот успех не е изолиран случај. Во последните години и други жени постигнуваат врвни резултати на ултрадолги трки. Анализа на повеќе од пет милиони резултати од над 15.000 ултрамаратони покажала дека разликата меѓу половите станува сè помала како што се зголемува должината на трката.

На маратонските дистанци мажите во просек се околу 11 отсто побрзи, но на 100 милји разликата паѓа на само 0,25 отсто. На трки подолги од 314 километри, жените во просек дури биле за околу 0,6 отсто побрзи.

Истражувачите сметаат дека кај екстремно долгите напори предност може да имаат одредени физиолошки карактеристики на женското тело, како поголемата отпорност на замор и поефикасното користење масти како извор на енергија. Сепак, физичката подготвеност не е единствениот фактор.

Кај ваквите трки огромно значење имаат спиењето, исхраната, темпото и способноста да се реагира на проблемите. Вудс дневно внесувала меѓу 6.000 и 7.000 калории, а во најтешките моменти спиела само околу 90 минути.

Таа смета дека успехот на жените не треба да се гледа само низ физиологијата. Според неа, способноста да се остави егото настрана и правилно да се решаваат проблемите може да биде клучна во екстремните услови.

Жените долго време биле недоволно застапени во спортските истражувања, што дополнително го отежнувало разбирањето на нивните специфични способности. Новите резултати, сепак, покажуваат дека кога дистанците стануваат екстремно долги, разликите во перформансите значително се намалуваат.

За Вудс најважната порака е едноставна: најхрабро е човек да се обиде да го направи она што го плаши.

е-Трн да боцка во твојот инбокс