Тригодишно момче е извлечено живо од урнатините шест дена по катастрофалните земјотреси во Венецуела, соопшти јордански спасувачки тим.
Детето, идентификувано како Клибер Моран, било пронајдено во тешко погодената област Ла Гваира, изјави привремената претседателка Делси Родригес.
Од Јорданската цивилна одбрана информираа дека на момчето му била укажана прва помош, по што било пренесено во болница. Според нив, неговите витални знаци се добри.
Спасување по шест дена под урнатини
Спасувањето се случило по истекот на првичниот период од 72 часа по земјотрес, во кој, според експертите, луѓето заробени под урнатини имаат најголеми шанси да бидат пронајдени живи.
Веста доаѓа во момент кога Обединетите нации предупредуваат дека десетици илјади луѓе во погодените области итно имаат потреба од храна, вода и засолниште.
Речиси 2.000 загинати и илјадници повредени
Според последните информации, бројот на загинати во земјотресите со магнитуда од 7,2 и 7,5 степени се искачил на 1.943 лица.
Повеќе од 10.000 луѓе се повредени, а десетици илјади лица сè уште се водат како исчезнати.
Првичните проценки врз основа на сателитски податоци од НАСА покажуваат дека силните потреси оштетиле или уништиле речиси 59.000 објекти.
Спасувачките екипи продолжуваат со потрагата низ урнатините, додека хуманитарните организации предупредуваат дека потребите на населението се сè поголеми.