Search

Младите се депресивни со намалена самодоверба

Секој трет адолесцент кој ја помина ковид пандемијата страда од депресија, ова е заклучок од студијата на УНИЦЕФ и Универзитетската клиника за психијатрија од Скопје.

„Со урнисан образовен систем не можете да очекувате здрава младина“, дециден е проф. д-р Илија Ацевски, социолог. Тој изнесува, како што вели радикален заклучок дека децата го имитираат тоа што ги опкружува, а резултатите од сите истражувања се загрижувачки, адолесцентите ја изгубиле довербата во системот, а тоа често предизвикува нарушување на односите во семејството.

„Авторитетот на наставникот е скоро невидлив, да не речам сосема изгубен. Со децата не се работи. Нашиот образовен систем е урнисан, од основно се до факултет. Во таа смисла, она што го гледаме како општа слика за однесувањето и самодовербата кај младите луѓе е само манифестација на кризите во образовниот процес“, потенцира Ацевски. Додава и дека сето тоа порано или подоцна ќе се одрази на самиот индивидуален развој на секоја личност. Како ќе се носи со искуството зависи од неговата самодоверба, колку ќе има сила и потенцијал да ги надмине ризиците и да се оформи во вистинска личност.

На ист став се и психолозите. Според нив, дете кое нема здрава и позитивна самодоверба не може да се справи ниту со наједноставни пречки, а не пак со суштинските за живот.

„Трајната меморија, кај одредени личности, започнува да се темели уште од двегодишна возраст. Од тука можеме да констатираме дека уште од раѓање детето мора се кали, како би изградило здрава самодоверба“, вели м-р Фики Гаспар, психолог.

Низ психолошка призма, Гаспар укажува за значењето на самодовербата кај децата, но и воопшто кај младите. Потенцирајќи на факторите кои играат клучна улога во која насока ќе се развие или не самодовербата од најрана возраст.

„Според нашата пракса, иако немаме направено официјални истражувања, се покажува дека најкритични се децата од 11 до 16 години. Кај нив најлесно може да се скрши самодовербата или да се пренасочи во погрешен правец“, вели  Гаспар.

Самодовербата е темел за решавање на секоја проблематиката

„Потребни се длабински реформи во образовниот систем. Учениците од било која возраст треба да се третираат како субјект. Кај нас системот ги третира да не речам, со некој погрден збор, како стадо. Мора да се работи индивидуално. Кај оние што има отстапувања, особено со знаци на девијантно однесување, мора да се превенира. Да се укажува на последиците од употреба на дрога, како и тоа дека не треба сè што се пласира на социјалните мрежи да се зема здраво за готово. Мора да се објасни кое е креативното значење на технологијата. Тоа е патот на градење на креативна личност. Сè  што се случува кај децата и нивната самодоверба, е последица на целото општеството“, вели Ацевски.

Менталното здравје е глобално прашање. Над 1 милијарда луѓе, според Светската здравствена организација (СЗО), се соочуваат со проблеми поврзани со менталното здравје, додека пак УНИЦЕФ проценува дека 1 од 7 деца и млади луѓе ширум светот имаат одредени проблеми со менталната здравствена состојба.

„Самодовербата потекнува како од родителите, така и од работите кои ни се предизвик. Со нивно успешно совладување и гледајќи ги успесите ја градиме здравата т.н позитивна самодоверба“, вели Гаспар и посочува дека покрај сите фактори не смее да се изостават и генетските предиспозиции.

„На тоа првенствено влијае и животниот тек на настаните, односно тоа се пресликува и на самите особини кај едно дете или адолесцент“, смета психолог Гаспар.

Во Македонија  не постојат јавно достапни информации за точен број третирани млади во психолошки и психијатриски установи и во приватни ординации. Дополнително, не постојат никакви официјални статистики во однос на младите што се соочуваат со каква било психолошка тешкотија.

Според социологот Илија Ацевски поразително е што скоро две децении ниту една од надлежните институции не го подобрува образовниот систем, напротив го урнисува. Тоа пак дирекно ги дезориентира младите луѓе.

„Последните две децении, како што запишувавме нови студенти, сфаќаме дека со секоја генерација квалитетот е послаб. Тоа не значи само од аспект на знаење. Доаѓаат генерации кои немаат никаква самодоверба. Никој не ги упатил дека нивниот животен пат мора да оди по друга насока, а не е по таа во која тргнале“, објаснува Ацевски.

Истражувања за влијанијата на социјалните мрежи

Последната студија на Американската психолошка асоцијација покажа дека користењето на социјалните мрежи може да го попречи сонот, што може да има негативни ефекти врз менталното здравје. Друга студија покажа дека сајбер-малтретирањето на социјалните мрежи може да има сериозни и долготрајни ефекти врз менталното здравје на младите, вклучувајќи депресија и анксиозност.

Сепак, не сето користење на социјалните мрежи е лошо за менталното здравје. Некои студии посочуваат и позитивни искуства од социјалните мрежи, како што е добивањето поддршка од онлајн-заедниците,  што може да имаат позитивно влијание врз менталното здравје.

Според извештаи на Светската здравствена организација направени за време на ковид пандемијата, се покажало дека девојчињата се изложени на поголем ризик од момчињата.

Најново

420

Последни колумни