Заштитата на природата напредува премногу бавно за светот да ги исполни договорените цели до 2030 година, предупредува нацрт-прегледот на Конвенцијата на ОН за биолошка разновидност. Пред самитот КОП17 во Ереван, „Гринпис“ побара владите да преминат од повторување ветувања кон конкретни постапки, пренесе „Еуроњуз“ со АФП.
Договорот од 2022 година постави 23 цели, меѓу кои заштита на 30 проценти од светското копно и океаните, намалување на загадувањето и зачувување на загрозените видови.
Заштитата на природата останува зад ветувањата
Според анализата на „Кампања за природата“, националните ветувања, дури и целосно исполнети, би опфатиле 27 проценти од копното и внатрешните води, а само 12 проценти од океаните.
Финансирањето е клучна пречка. Земјите доцнат со целта да обезбедат 200 милијарди долари годишно за биодиверзитетот до 2030 година.
Извршната секретарка на Конвенцијата, Астрид Шомакер, оцени дека целите остануваат достижни, но само со значителни промени.
Лидерскиот собир е планиран за 16 октомври, а преговорите започнуваат на 19 октомври. Клучното прашање е дали државите ќе обезбедат пари и ќе ги пренасочат поттикнувањата што ја оштетуваат природата.