Платформата на граѓански организации за борба против корупцијата побара Собранието веднаш да го запре донесувањето на Предлог-законот за реализација на проектот „Скопје – Европска престолнина на културата 2028“, кој е поднесен по скратена постапка.
Најголемата забелешка се однесува на одредбата според која идната фондација задолжена за проектот би била целосно изземена од Законот за јавните набавки, иако ќе биде основана од Град Скопје и ќе располага со пари од државниот буџет, градската каса и Европската Унија.
Фондацијата би трошела јавни пари без јавни набавки
Со предложениот закон се предвидува Град Скопје да ја основа Фондацијата „Европска престолнина на културата – Скопје 2028“, преку која ќе се реализира проектот.
Платформата оценува дека фондацијата ги исполнува сите услови да биде договорен орган и дека мора да ги почитува правилата за јавни набавки.
Според граѓанските организации, исклучувањето од законот би значело дека не само авторските и специфичните уметнички ангажмани, туку и набавките на стандардна опрема, услуги, инфраструктурни и градежни работи би можеле да се спроведуваат надвор од редовниот систем на јавна конкуренција.
„Значењето и обемот на проектот, како и значителните јавни средства што ќе бидат употребени, бараат повисоко, а не пониско ниво на транспарентност, отчетност и заштита од корупција“, предупредуваат од Платформата.

Опасен преседан и концентрација на моќ
Дополнителна загриженост предизвикува начинот на кој е предвидено управувањето со фондацијата.
Иако фондацијата формално би ја основал Советот на Град Скопје, членовите на Управниот и Надзорниот одбор би ги именувал и разрешувал градоначалникот. За кандидатите не се предвидени минимални критериуми, професионални стандарди или јасна постапка за избор.
Истата структура би го усвојувала планот за набавки, би ги формирала комисиите, би одлучувала за набавките и би постапувала по приговорите на учесниците.
Според Платформата, со тоа управувачките, контролорските и жалбените механизми се концентрираат во рамките на истиот систем, без независна правна заштита.
Граѓанските организации предупредуваат дека усвојувањето посебен закон со кој еден субјект се иззема од јавните набавки може да стане модел и за други проекти кои власта ќе ги прогласи за приоритетни.
Без јавна расправа и антикорупциска проценка
Предлог-законот е поднесен по скратена постапка, не бил објавен на Единствениот национален електронски регистар на прописи – ЕНЕР, а не била спроведена ниту проценка на можните корупциски ризици.
Платформата бара предлагачите да го повлечат текстот, да го објават на ЕНЕР и да отворат јавна консултација, со претходно изработена проценка на влијанието на регулативата.
Се бара и целосно отстранување на одредбите со кои фондацијата се иззема од Законот за јавните набавки.
Платформата ја повика и Државната комисија за спречување на корупцијата да го разгледа предлогот, да ги оцени корупциските ризици и да достави мислење до Собранието и до јавноста.
Проектот „Скопје – Европска престолнина на културата 2028“ е една од најголемите културни можности за градот во поновата историја. Но токму неговата важност, обемот на планираните активности и сумите што ќе се трошат ја прават транспарентноста неопходна, а не пречка што треба да се отстрани.