Девојчињата под 14 години во Австрија повеќе не смеат да носат марами

Забраната стапува на сила со новата училишна година, а муслиманската заедница најавува правна битка пред Уставниот суд.
Фото: Xendzi, CC BY-SA 4.0, via Wikimedia Commons

Со почетокот на новата училишна година, во Австрија стапи во сила законот со кој им се забранува носење марами на девојчињата помлади од 14 години во училиштата. Мерката опфаќа традиционални религиозни покривала за глава, како хиџаб и бурка, во сите јавни и приватни образовни установи ширум земјата. Владините партии мерката ја бранат како чекор кон родова еднаквост, додека критичарите предупредуваат на дискриминација и можен уставен прекршок.

Законот го изгласа владејачкото мнозинство составено од конзервативната Австриска народна партија (ÖVP), Социјалдемократската партија (SPÖ) и либералите од Неос (Neos). Нивниот аргумент се потпира на тезата дека со ова се заштитува развојот на девојчињата.

Министерката за интеграција Клаудија Бауер од редовите на ÖVP ја образложи одлуката со став дека покривањето на главата претставува контрола врз децата уште од најрана возраст. Таа марамата ја нарече симбол на потчинетост кој го попречува детскиот развој.

На одлуката веднаш реагираше Исламската верска заедница во Австрија (IGGÖ). Претставничката Карла Амина Багаџати изјави за Би-би-си дека организацијата цврсто се противи на ова законско решение бидејќи директно го крши основното право на слобода на вероисповед.

Според заедницата, наместо да ги заштити младите, законот наметнува стигматизација на една конкретна религиозна пракса и создава ризик од изолација на ученичките. IGGÖ потврди дека ќе обезбеди правна поддршка за сите семејства што ќе покренат постапка за оспорување на актот пред Уставниот суд на Австрија, институција која во претходни случаи веќе има укинувано слични обиди за рестрикции.

е-Трн да боцка во твојот инбокс