Под мотото „За Скопје со љубов“, Црвен крст на град Скопје организира настан на 26 Јули на Плоштад Филип II-Камени со кој заедно со граѓаните на Скопје ќе одбележат 60 години од кобните 20 секунди во Скопје.
„Хуманоста и единството се едни од нашите главни принципи на работа. Токму во моментите кога на нашиот град му било најтешко – нашите волонтери покажале најголема солидарност и сплотеност“, истакнуваат од Црвен крст.
Во деновите по земјотресот, 78 Национални друштва на Црвениот крст и Црвената полумесечина речиси од целиот свет биле меѓу првите кои ни упатиле помош.
Волонтерите и вработените на Црвениот крст и Црвената полумесечина од повеќе Национални друштва организирале народни кујни во шаторските населби, дистрибуирале храна, облека и обувки, пружале прва помош и лекарски прегледи и организирале акции за дарување крв, евакуација и спојување на изгубените контакти.
Сето ова придонело Скопје да прерасне во град на солидарноста и низ годините Црвен крст на град Скопје прави сè што е во негова можност за тој да остане таков. Црвениот крст работи постојано со цел да им пружи помош, добрина љубов на сите оние на кои им се потребни. Токму поради тоа ги кани сите заедно да му оддадеме почит на нашиот град и да покажеме дека не сме ја заборавиле поддршката што пред 60 години сме ја добиле од целиот свет.
За време на настанот, ќе се одвиваат неколку активности како цртање на мурал, интерактивна обука за справување со катастрофи, иницијатива за пишување на писма и телеграми, изложба на капацитетите на нашето Нaционално друштво и дружење со вработените и волонтерите на Црвениот крст.
На крајот тие ги повикуваат граѓаните да дојдат да даруваат крв во ДХО Даре Џамбаз – Центар за дарување крв во среда на 26 Јули, од 09:00 – 17:00.