Search

ЗА МАКЕДОНЦКИТЕ РАБОТИ

Овие студени некрстени денови ги минав со душманска кашлица. Буквално се “одрав“ од кашлање, а гледам дека ниту вие не сте многу подобри со здравјето. Конечно им успеа на Американците, Илуминатите, БИГ фарма и секако светската влада во сенка, да произведат совршен вирус: болни сме, ама се држиме на нозе. Слабички, несреќни, но доволно подвижни за да можеме да трошиме пари на лекови. Ко да не стигнала онаа популарна, баш македонска народна клетва: да даде Господ за лекови да ги трошиш парите.

Единствена утеха во овие тешки денови на македонствувањето ми е работата. Звучи неверојатно, но некои од Македонците и работат за живот. Деновиве ме исполнува работата околу промоцијата на најновото винил издание на мојата дискографска куќа ПМГ ЏЕЗ, фанатично посветена на македонската џез, етно и современа класична музика. Компилацијата КРАЈ ВАРДАРОТ СЕСИИ во АУДИОКУЛТУРА е прва винил плоча со македонска музика снимена во живо, по легендарниот концертен албум “Акустична Траума“ на Леб и Сол од 1982 година. Плочата е снимена во најдобриот скопски интимен концертен простор Аудиокултура, а стана реалност со софистицирана асистенција на господата од Божиновски (часовници и накит). Крај Вардарот Сесии носи седум современи, автентични и различни артистички пристапи, кои ги обединува висок квалитет и секако модерен македонски призвук. Сигурно и смирено тврдам, оваа плоча совршено го конзервира современиот македонски музички и културен идентитет.

Идентитет. Збор кој е репетитивно силуван и злоупотребуван во нашето секојдневие. Неговото значење уништено во дневнополитичките “игри на гладните“. Доза пелин која го трансформира Македонецот во зомби на апокалипсата. Монета за поткусурување во безидејноста на замачкувањето очи. Ко прасиња не товат со флоскулата “го изгубивме идентитетот“, а потоа сосем индиферентно, пред избори, преку закупени билборди низ земјава, уредно не канат да слушаме македонска музика за да го одбраниме идентитетот. Колку креативно! Тоа е таа мрачна, мрачна Македонија, збесната ко мачка во вреќа, па хистерично се врти во својот злокобен круг.

“Не финансираше продукција на некое издание. Не организираше, ниту поддржа некој концерт. Не поддржа ни печатење на стручна книга за музика или монографија за некој битен македонски музички деец. Не откупи 300 примероци од некој македонски албум за да го делиш по твоите партиски штабови. Не стипендираше пар надежни македонски студенти по музика. Не потпомогна македонски артист со пари за гориво, да оди да го шири идентитетот по светот без да банкротира. Не ја стави на располагање ни твојата шверцерска инфраструктура за да им помогнеш на пар македонски музичари да си купат подобра опрема за помалку пари од Thomann. Не! Ти откупи еден куп билборди за да го залепиш логото од твојата партија и посредно да паразитираш од бавната смрт на македонскиот музичар. Е тоа да, баш тоа е она што го викаат Идентитет.“ Адекватно ѝ реплицираше на мрачната Македонија, извонредниот гитарист и опасен џезер Филип Букршлиев, чија секси нумера се наоѓа токму на горе споменатата идентитетска винил плоча J

Наспроти мрачната, постои светла, сончева Македонија. Вистинската Македонија. Младата Македонија. Онаа која не живурка во мрачните тунели на фашизоидна омраза кон се, а највеќе кон себе. Младина на која не и е битно каква придавка го краси името, каков знак на себе трпи аловото знаме, се додека имаме име и знаме. Македонија која не ламентира, не писка и вриска по идентитетот, туку го создава и го живее современиот македонски идентитет. А идентитетот жив и здрав ко сочна пиперка! Ај што е сочен, туку и личен. Личен ко мома и дечиња дома и нова песна и понуда чесна. Идентитет цврсто поставен на рамената на џинови како Филип, Александар, Јустинијан, Богомилите, Јован Кукузел, Карпош Војвода, Крсте Мисирков, Питу Гули, Димитар Влахов, Кочо Рацин, Генерал Михајло Апостолски, Блаже Конески, Бадев, Сариевски, Шпато, Горан Стефановски, Леб и Сол… You name it, we got it! Екстериторијална, цивилизирана, европска, светска Македонија, која само поради својата ненасилност и недоволната просветеност на тнр. напредни сили во структурите на власта, не успева да живее во сопствената земја на нивото на кое живеат нивните, па и не толку талентирани врсници во европските земји. Фантастично паметни и убави деца, кои конзервативна, параниочна, несреќна и со лопати гомна хранета ропска Македонија ги пади од сонцето кое грее душата и зајдвит в гората. Ги гони во развиените европски земји, токму оние земји чија логика и практика отворено ја презира. Идентитетот не се брани со празно огниште. Уште помалку со линч на се што е младо убаво и различно. Дефинитивно не со изолација. Изолација на здравиот разум. Би било самоубиство.

Авторот е музичар

* Колумните се лични ставови на авторите.

Најново

Последни колумни