X изгуби 80 отсто од вредноста откако Илон Маск ја купи платформата

Социјалната мрежа X, порано позната како Twitter, вреди речиси 80 отсто помалку отколку пред две години кога ја купи Илон Маск, според проценките на инвестицискиот гигант Fidelity.

Акциите на X веќе не се јавно тргувани, откако Маск издвои 44 милијарди долари за да ги купи во октомври 2022 година.

Fidelity, сепак, открива колку според нив е вистинската вредност на тие акции, а тие овие проценки служат како барометар за сигурноста на компанијата, пренесува CNN.

На крајот на август, тие акции вределе само 4,2 милиони долари, што е за 24 отсто помалку од она што Fidelity го процени на крајот на јули. Тоа претставува неверојатен пад од 79 отсто во однос на вредноста на акциите од 19,66 милиони долари, колку што Fidelity ги процени во октомври 2022 година, кога Маск го купи Твитер.

Новата проценка на Fidelity имплицира дека социјалната мрежа X сега вреди само 9,4 милијарди долари, што е далеку од 44 милијарди долари што Маск ги плати за неа, иако другите инвеститори би можеле да ја вреднуваат компанијата поинаку.

Аналитичарите велат дека проценката на Fidelity веројатно го одразува падот на приходите од реклами на компанијата, која повеќе не објавува јавно квартални финансиски податоци.

Маск очигледно ја преплатил компанијата, изјави за CNN, Ден Ајвс, управен директор и висок аналитичар на капитал во Wedbush Securities.

Ајвс верува дека Twitter вредел околу 30 милијарди долари кога го купил Маск, а дека денес реално вреди околу 15 милијарди долари.

Неодамнешното глобално истражување на Kantar покажа дека 26 отсто од компаниите планираат да го намалат рекламирањето на X следната година, што е најголем пад од која било голема глобална платформа за рекламирање.

Само четири проценти од огласувачите рекле дека мислат оти рекламите на мрежата X обезбедуваат „безбедност на брендот“, што значи дека нивните реклами нема да се појавуваат во близина на екстремна содржина, додека 39 проценти од огласувачите тоа го сметаат за Google.

И покрај ова, X сè уште е главен играч на социјалните мрежи. Компанијата објави дека во вториот квартал од годинава имала 570 милиони месечни активни корисници, што е за шест отсто повеќе во споредба со истиот период лани.

Сепак, истражувачката компанија Similarweb откри пад во ангажираноста на корисниците. Според нивните податоци, X имала 73,5 милиони месечни активни корисници на iOS и Android комбинирано во САД во август, што е намалување за речиси 11 отсто на годишно ниво и пад од 20 отсто од октомври 2022 година.

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Најново

Последни колумни