На Wall Street вчера берзанските индекси бележаа благ пад, губејќи дел од добивките од претходниот ден, а тргувањето беше претпазливо поради неизвесноста околу царините.
Dow Jones индексот ослабе за 0.38%, на 40.368 поени, S&P 500 се намали за 0.17%, на 5396 поени, а Nasdaq индексот падна за 0.05%, на 16.823 поени.
Индексите изгубија дел од добивките бидејќи на пазарот владее несигурност поради неизвесноста за тоа како веќе воведените царини ќе влијаат врз американската и светската економија.
Аналитичарите проценуваат дека инфлацијата ќе порасне, додека растот на економиите ќе се забави, особено затоа што нема знаци за олеснување на царинската војна меѓу САД и Кина.
Европските берзи во пораст
Покрај царините, во фокусот на инвеститорите се и кварталните резултати на компаниите. Сепак, овие резултати се од периодот пред 2 април, кога претседателот на САД Доналд Трамп воведе царини.
„Добивките на компаниите се прилично добри, но пазарот е оптоварен со неизвесност околу царините и трговијата – што во моментов се единствените двигатели на пазарот. Кога такви двигатели недостасуваат, пазарот обично паѓа, како што е случај денес“, вели Рос Мејфилд, стратег во компанијата Baird.
На европските берзи, цените на акциите вчера пораснаа:
- Лондонскиот FTSE порасна за 1.41%, на 8249 поени,
- Франкфуртскиот DAX за 1.43%, на 21.253 поени,
- Парискиот CAC за 0.86%, на 7335 поени.
Меѓу најголемите добитници беа акциите на производителите на автомобили, откако инвеститорите беа охрабрени од изјавата на Трамп дека можеби ќе ги коригира царините од 25% на увозот на автомобили и автомобилски делови од Канада, Мексико и други делови на светот.