Српската Безбедносно-информативна агенција го советувала претседателот Александар Вучиќ да не патува во Црна Гора на самитот ЕУ – Западен Балкан, поради, како што наведуваат, висок безбедносен ризик.
Од БИА соопштија дека препораката е дадена поради сознанија за „непријателско дејствување на странски служби и криминални кланови“ во Црна Гора, како и поради информациите дека таму се наоѓа Радоје Звицер, водачот на кавачкиот клан.
„Поради непријателското дејствување на странски служби и криминални кланови во Црна Гора, Безбедносно-информативната агенција официјално го советуваше претседателот на Република Србија да не патува во Црна Гора бидејќи беше утврдено дека постои висок безбедносен ризик. Според нашите оперативни сознанија, Радоје Звицер, водачот на кавачкиот клан, се наоѓа во Црна Гора“, соопшти БИА.
Претседателката на српскиот парламент, Ана Брнабиќ, изјави дека Вучиќ бил решен да учествува на самитот, и покрај предупредувањата.
„Сериозно сум загрижена, но тој не сака ни да чуе за откажување на патувањето во Црна Гора. Не постои никаква шанса да го убедам да не оди. Сè навестува дека не е безбедно тој да патува во Црна Гора“, рече Брнабиќ.
Министерството за надворешни работи на Црна Гора соопшти дека во пресрет на самитот во Тиват се преземаат сите мерки за настанот да помине на највисоко ниво.
Од Подгорица наведуваат дека прават сè за да ги пречекаат „пријателите, сојузниците и партнерите“ и да обезбедат успешно и достоинствено одржување на самитот. Најавено е дека настанот ќе го обезбедуваат повеќе од 1.500 полицајци.
Случајот доаѓа откако црногорските власти вчера не дозволија влез на речиси 90 српски државјани во земјата. Тие неколку часа биле задржани на аеродромот во Тиват, по што биле вратени назад во Белград.
Црногорскиот весник „Вијести“ објави дека авионот на „Ер Србија“ бил задржан на пистата поради детална проверка на патниците. Според истиот медиум, повеќето од нив биле млади, физички крупни и тетовирани, а не сакале да ѝ кажат на полицијата зошто дошле во Црна Гора.
„Вијести“ објави и дека, според полициски податоци, повеќето од патниците имале криминално досие и наводно имале задача неформално да го обезбедуваат Вучиќ за време на самитот.
Настаните дополнително ја засилија тензијата пред самитот ЕУ – Западен Балкан во Тиват, кој се одржува во чувствителен безбедносен и политички контекст.