Фреди Меркјури: шоуто продолжува и 35 години подоцна

Пред 35 години светот го изгуби фронтменот на Квин, но неговите песни никогаш не замолкнаа. Од стадионите до социјалните мрежи, Фреди Меркјури и денес е мерка за тоа што значи да се биде вистинска ѕвезда.

На 24 ноември 1991 година, во својот дом во Лондон, почина Фреди Меркјури, на само 45 години. Неколку недели претходно, Квин го објавија спотот за „The Show Must Go On“, песна што денес звучи како негов последен поздрав до публиката. Три и пол децении подоцна, насловот звучи речиси пророчки, бидејќи шоуто навистина продолжи. Песните на Квин не се само дел од музичката историја. Тие и денес се живо присуство на стадионите, во филмовите и рекламите, но и на плејлистите на луѓе родени долго по смртта на Меркјури.

Неговата приказна почнува далеку од Лондон. Фреди е роден како Фарух Булсара во 1946 година, во Стоун Таун на Занзибар, во парсиско семејство со индиско потекло. Детството го поминал во интернат во Индија, каде што првпат настапувал во училишен бенд. Кога имал 17 години, неговото семејство се преселило во Англија, бегајќи од немирите на Занзибар. Таму младиот емигрант работел на аеродромот Хитроу и студирал графички дизајн. Токму благодарение на тоа знаење подоцна го дизајнирал и грбот на Квин. Патот од момче од Занзибар до една од најголемите рок-икони е приказна за идентитет што не се вклопувал во ниту една рамка, но токму затоа станал универзален.

Кога во 1975 година Квин ја снимиле „Боемска рапсодија“, многумина во музичката индустрија сметале дека бендот прави грешка. Песната траела речиси шест минути, немала класичен рефрен, а во средината содржела оперски дел составен од десетици снимени вокални партии. Радиостаниците сакале песни од по три минути, но Фреди и останатите членови на бендот не попуштиле. Песната девет недели се задржала на првото место на британските топ-листи. Во 2019 година нејзиниот спот стана првото музичко видео од пред деведесеттите што надмина една милијарда прегледи на Јутјуб. Оттогаш, бројката постојано расте.

Ако постои настап што влезе во историјата на рок-музиката, тоа е настапот на Квин на концертот „Live Aid“ во јули 1985 година, на стадионот Вембли. За нешто повеќе од 20 минути, Фреди ги претвори десетиците илјади луѓе на стадионот во еден голем хор, додека преку телевизиските преноси концертот го следеа повеќе од милијарда луѓе ширум светот. Неговиот глас лесно преминуваше од нежна балада во моќен рок, а на сцената владееше со самодоверба што малкумина можат да ја постигнат. Бројни анкети и денес го рангираат овој настап меѓу најдобрите во историјата на рок-музиката.

Фреди ги рушеше и стереотипите за тоа како треба да изгледа една машка рок-ѕвезда. Настапуваше во балетски трикоа, крзнени наметки и со круна на главата, без да бара ничија дозвола. Сцената ја претвораше во театар во кој слободата на изразување беше најважна. Така стана инспирација за многу уметници што дојдоа по него, но и икона за луѓето што се чувствувале како да не припаѓаат никаде.

Неговото наследство секоја година добива нова публика. Биографскиот филм „Боемска рапсодија“ од 2018 година заработи речиси една милијарда долари и освои четири Оскари, а со него кон музиката на Квин се свртеа милиони млади луѓе. „Don’t Stop Me Now“ стана звучна подлога за безброј видеа на социјалните мрежи, додека „We Are the Champions“ и „We Will Rock You“ и натаму се слушаат по големите победи. Така е и кај нас – од спортските прослави до матурските вечери и караоке-ноќите, каде што барем една песна на Квин е речиси задолжителна.


Фреди Меркјури не е запаметен по тоа како си заминал, туку по начинот на кој живеел и творел. Тој покажа дека музиката може да биде гласна, театрална и сложена, а сепак да ја пеат сите. Покажа и дека емигрант со необично име може да стане глас на цела генерација. Затоа, и 35 години подоцна, неговите песни не звучат како носталгија, туку како нешто што сè уште живее.

е-Трн да боцка во твојот инбокс