Врховниот суд отвори пат за ограничување на гласањето по пошта во САД пред изборите

Со оглед на тоа што дел од државите најавуваат нови правни предизвици, прашањето за гласањето по пошта може повторно да стигне пред Врховниот суд во пресрет на ноемвриските избори.

Врховниот суд на САД денес ѝ дозволи на администрацијата на Доналд Трамп привремено да продолжи со спроведувањето на извршната наредба со која се ограничува гласањето по пошта пред ноемвриските конгресни избори.

Судиите го прифатија итното барање на Министерството за правда и ја суспендираа одлуката на федералната судијка Индира Талвани од Бостон, која во јуни го блокираше спроведувањето на наредбата во 23 сојузни држави и Вашингтон.

Одлуката е донесена со конзервативното мнозинство во Врховниот суд од шест спрема три. Тројцата либерални судии се спротивставија. Сепак, одлуката не го затвора правниот спор. Сојузните држави и понатаму можат да поднесуваат нови тужби против мерките во наредните месеци, додека се приближуваат изборите.

Што предвидува наредбата на Трамп?

Извршната наредба што Трамп ја потпиша во март му наложува на Министерството за внатрешна безбедност да подготви список на граѓани кои ги исполнуваат условите за гласање во секоја држава.

На Министерството за правда му се наложува да даде приоритет на истрагите и гонењето на државни и локални изборни службеници кои издаваат гласачки ливчиња на лица што администрацијата ги смета за неподобни за гласање на федерални избори.

Наредбата предвидува и американската поштенска служба да доставува гласачки ливчиња само до гласачите кои се на одобрените списоци за гласање по пошта во соодветните држави.

Трамп долго време ја оспорува безбедноста на гласањето по пошта и вети дека ќе го укине овој начин на гласање на национално ниво. Сепак, докажаните случаи на изборна измама преку гласање по пошта се релативно ретки.

Одлуката доаѓа пред неизвесни конгресни избори

Ноемвриските избори ќе бидат особено важни бидејќи ќе одредат која партија ќе има контрола врз Конгресот.

Ограничувањето на гласањето по пошта може да има значајни политички последици. Демократските гласачи традиционално почесто го користат овој начин на гласање, поради што демократите се меѓу најгласните противници на мерките на администрацијата.

Одлуката на Врховниот суд е дел од пошироките напори на Трамп за промена на американскиот изборен систем. Администрацијата истовремено врши притисок за усвојување на нови изборни ограничувања преку Конгресот, вклучително и пакетот познат како „Закон за спасување на Америка“.

Со оглед на тоа што дел од државите најавуваат нови правни предизвици, прашањето за гласањето по пошта може повторно да стигне пред Врховниот суд во пресрет на ноемвриските избори.

е-Трн да боцка во твојот инбокс