Трамп загуби пред Врховниот суд: Децата родени во САД и понатаму автоматски ќе добиваат државјанство

Американскиот претседател Доналд Трамп претрпе значаен правен пораз откако Врховниот суд на САД го отфрли неговото барање за укинување на правото на државјанство по раѓање. Со историската пресуда, Судот потврди дека децата родени на територијата на Соединетите Американски Држави и натаму автоматски ќе стекнуваат американско државјанство, без оглед на имиграцискиот статус на нивните родители.

Трамп се обидуваше да го ограничи ова право за децата на лица кои престојуваат привремено во САД или се наоѓаат во земјата без регулиран престој. Според критичарите на иницијативата, таквото толкување е спротивно на 14. амандман на Уставот на САД.

Во амандманот, усвоен по Американската граѓанска војна, се наведува дека сите лица родени или натурализирани во Соединетите Американски Држави, кои подлежат на нивната надлежност, се државјани на САД и на сојузната држава во која живеат.Со оваа одлука, Врховниот суд повторно го потврди принципот jus soli („право на тло“), кој од 1868 година гарантира автоматско државјанство за речиси секое дете родено на американска територија.

Правните аналитичари и претходно очекуваа ваков исход, бидејќи и дел од конзервативните судии за време на расправата не покажаа подготвеност да ја поддржат интерпретацијата на Уставот што ја бараше администрацијата на Трамп.

е-Трн да боцка во твојот инбокс