Search

Временска дијагноза: отпадници од времето и пиратите на иднината

Многу често сум се прашувала зошто велиме временска прогноза кога мислиме на природните прилики во нашето опкружување а, се однесуваат на температура, воздушен притисок, влажност на воздухот, невреме, дожд, снег итн. Каква врска имаат овие состојби на физичкиот свет со времето што го мериме во секунди, минути, часови, месеци, години, децении, векови, ери и псохо-физичка свест за нив?

Каде е дистинкцијата помеѓу  метеоролошките параметри во нашиот населен комплексно деградиран простор и времето што го доживуваме како поминато, или се движи кон очекувани настани што допрва треба да станат сегашности и се предодредени да се случат (работно време, договорени средби, работни рокови, време за спиење, термин за пораѓање, предавање ракопис, продолжување пасош, барање азил, потпишување билатерален договор со соседна земја).

Во англискиот и германскиот јазик, на пример, постојат два збора кои ја прават оваа разлика: weather и time, Wetter и Zeit! Во нашиот јазик има и еден навистина прецизен збор со којшто на пример се опишува состојба на духот што е предизвикана од поимањето, доживувањето на времето: Бреме!

Бремето како тегобност во просторот којшто се стеснува а, животот што се одвива во него, е време шго се доживува како товар што се натрупува, наместо да биде гориво за излез од затворот. Затворот би можеле да го замислиме како сад во којшто  времето се влева како течност што во еден момент прекипува од него и се излева во иднината како долг што настанува од преминувањето на крајните граници: долг што се пренесува во ничивиот иден простор со којшто нема компромис без покритие, и токму затоа е осуден да не се случи.

Веројатно нашиот јазик ја задржал архаичната харизма на времето и едно објаснување би било дека од причина што метеоролошките прилики и нивните предвидувања сепак се засноваат на цикличноста на движењето на небесните тела и нивните закони познати на човекот уште од дамнешни времиња, овде се мисли на времето како движење во одреден простор. Како мерна единица за повторувањето на циклусите кои се предвидливи и константни и нивниот прецизен ритам е како природен или космички часовник, според којшто се движел и човекот низ својот живот и развој, преку денот и ноќта до следната недела или месец и епоха, во четири годишни времиња, притоа имајќи ја способноста да го доживува времето и субјективно: живеејќи го минатото како сеќавање или како артефакт, и перцепирајќи ја иднината како правец или цел.

И светлината, без којашто не е возможен животот на планетата земја, има потреба од време за да дојде до нас – светлосни години! Звучи поетично но, значи дека времето е основниот ресурс за животот. Поточно, цикличното време.

За да се формира еден човек подготвен да излезе од карлицата се потребни околу девет месеци од зачнувањето во оптимални услови. За да зар’ти едно семе потребени се исто така, одредено време и надворешни фактори. И симфонијата изискува чиклични време и простор. Животот не е возможен без време, простор и без организација. И за залекување е потребно време, не случајно се вели и дека времето лечи, можеби не сѐ. Цикличното време, да, но нему му е потребен и простор и организација за тоа.

Цикличното време е и космичко време и предуслов како простор, за живот и регенерација. Од друга страна го имаме заедничкото – модерно време, како колективна перцепција и глобална рамка што се нарекува универзално време со сите свои временски зони и има линеарен карактер и се мери во пари исто така и во работно и слободно време.

Моето прво запознавање со алтернативните концепти за времето надвор од формалното образование, беше  најсилно веројатно со  појавувањето на ентитетот Q (John De Lancie), во Star Trek, The Next Generation (1987-1994), и неговата драматичната релација и пријателство со капетанот на USS Enterprise на Picard (Patric Stewart) но, и капетанката Janeway (Kate Mulgrew), од Voyager.

Мистериозниот Континиум во којшто живеат ентитетите Q, беше напуштена крајпатна бензинска пумпа и тука се чини времето стои. Се вели дека вистинската природа на континиумот е надвор од разбирањето на луѓето, па затоа им се покажува само на начини што тие можат да ги разберат; на пример, запуштена бензинска пумпа in the middle of nowhere.

Повремените излети на Кју од бензинската пумпа во критични или неочекувани моменти од  сагите на Ентерпрајз на Пикард, којшто ги преминуваше крајните граници на вселената, секогаш беа споредни приказни во архивата на оваа франшиза но, отвараа важни прашања за самоувереноста – па дури и на човекот од иднината, како Пикард, со поимањето на времето и граничните ситуации во којшто ќе биде вовлечен тој и целиот негов екипаж.

Една од епизодите во кои Кју ја демонстрира својата моќ и разбирање на времето и просторот e транспортирањето на целиот вселенски брод во една друга, и тоа како далечна димензија – Делта Квадрантот, кадешто ќе се случи и првата средба со Боргот. Пикард за првпат ќе ја прифати помошта понудена од Кју, останувајќи свесен пред свршен чин, пред фактот дека неговиот вселенски брод не е дизајниран да помине толкава раздалеченост за така кратко време без последици, и дека неговата цивилизација не е подготвена да преговара со акумулираната моќ на  антиколективот што хара низ време и простор и чија максима е: Resistence is Futile! You will be assimilated. Капетанката Кетрин Џејнвеј и нејзиниот Војаџер ќе залутаат во Делта квадрантот уште на почетокот на серијата и ќе преживеат неколку сезони и средби со Боргот.

Збирката блогови на англискиот критичар на култура Mark Fisher објавена и како хартиено издание: Ghost of my Life (Writings on depression, hauntolgy and lost futures), започнува со неговото сеќавање на телевизиска серија од неговото детство од крајот на седумдесеттите во Велика Британија, со тајните агенти на времето Sapphire (Joanna Lumley) and Steel (David McCullum), во главните улоги.  Фишер ќе забележи дека оваа серија била како дизајнирана да го прогонува адолесцентниот ум.

Темпоралните неволји на главните ликови во оваа опскурна британска серија емитувана на ITV(1979-1982), во свое време ќе им бидат достапни и на гледачите на холандската телевизија, на италијанското Раи Уно, и на финската публика, и никогаш нема да станат така популарни и плодни како Стар Трек и Кју што ќе се појават во САД шест години подоцна. Научната фантастика во оваа серија е ослободена од визуелните инсценирања на вонземските битија и феномени карактеристични за северноамериканската продукција, и се одвива неспектакуларно и насочено кон неколку основни задачи кои се поврзани со упади во времето што вонземските агенти во човечко руво(Sapphire and Steel), треба да ги регулираат.

Една нивна следна задача ќе ги донесе до една навидум напуштена бензинска станица накитена со корпоративни логоа и еден навидум обичен кафе-бар.

На бензинската пумпа што се чини како место за следната темпорална загатка, ќе се случат неколку протекувања на други времиња, слики и фигури од 1925, 1948, што се појавуваат одеднаш, како симптом на неколку симултани колабирања на времиња. Техничарот на време, но, не и агент, споредниот лик во серијата – Silver, ќе стане познат по реченицата: Time just got mixed, jumbled up, together, making no sort of sense. Кафе – барот на бензинската станица што симулира 40-ти години од минатиот век ќе се претвори во затвор.

Во воведот на збирката блогови, што Фишер ги потпишува во серијалот k-punk, се сеќава на  краткото појавување во барот на еден пар што тврди дека е од 1948 година и реченицата што ја изрекува жената пред да исчезнат: This is the trap. This is nowhere, and its forever. Кју би се чувствувал како дома.

Тајните агенти Sapphire and Steel, ги исцрпуваат сите можности да најдат излез од овој кафез – бар, во којшто секогаш поминуваат дваесет минути и часовникот се враќа исто толку наназад за повторно и повторно да означи нови дваесет минути. Смкнувањето на пердињата од кафез – барот, е последната шанса за објаснување и го прикажува прозорецот како последна надеж во која им преостанува да зјаат; вселенска темнина што наликува на вакум а, е веројатно стапица, како временска капсула што лебди во космосот. 

Ова е крајот на последната епизода од серијата во чиј тек, агентот Steel меѓудругото ќе заклучи дека темпоралните пореметувања го посочуваат човекот и неговите практики – да ги меша артефактите од различни ери, како причинител за протекувањата или упадите на други времиња и колапсот од недостатокот на простор. Ги има сите времиња одеднаш, на еден куп, на мал простор, а го нема самото време. Фишер тоа го нарекува анахронизам. Други причинители за темпорални неправилности се упадите на зли суштества што наоѓаат слабости и процепи во коридорот на времето.  

Во последната епизода, самите агенти за регулација на времето се заробени во неговата беспросторност и репетитивност како ужасна неподнослива вечност. Анахронизмите доведуваат до стаза: Времето застанува или престанува. Овој текст на Фишер всушност започнува со реченица што ја изговара Silver во ќорсокакот на неговите мерења: There is no time here, not any more.

Авторката е музичарка и текстописец

* Колумните се лични ставови на авторите.

Најново

Последни колумни