Претседателот на Србија, Александар Вучиќ, ги распиша вонредните парламентарни избори за 25 октомври 2026 година, точно 492 дена откако студентите во блокада првпат го поставија тоа барање, по падот на натстрешницата на железничката станица во Нови Сад, во кој загинаа 16 луѓе. Ова ќе бидат 15-тите избори за Народното собрание на Србија од воведувањето на повеќепартискиот систем во 1990 година. Студентите веќе соопштија дека нивната „Студентска листа“ ќе брои 250 имиња, но целосниот список сè уште не е официјално обелоденет. Вчера на ФБ профилот на „Мискер“ беше објавена листата со 250 имиња но набргу по објавата, постот беше тргнат под образложение дека студентите самиво наредните денови ќе ја обелоденат.
Не студенти, туку луѓе што тие ги избраа
Клучна карактеристика на оваа листа е тоа што на неа нема да бидат самите студенти, туку истакнати јавни личности со интегритет, кои студентите во блокада самите ги избрале. На тој начин, движењето сака да се дистанцира од воспоставените опозициски партии, инсистирајќи дека на листата нема да има кандидати поврзани со странски политички центри.
Според објаснувањата на самите студенти, листата формално ќе биде поднесена од помала група граѓани, меѓу 10 и 15 лица, избрани според сопствени критериуми на движењето. Тие ќе ги соберат потребните потписи и ќе ја поднесат листата до Републичката изборна комисија. Причината зошто целосниот список од 250 имиња сè уште не е обелоденет, според студентите, е комбинација од законските рокови и „технички и тактички“ причини.
Првите 14 имиња
Веднаш штом беа распишани изборите, движењето „Студенти во блокада“ соопшти дека е формирана граѓанската иницијатива „Студентска листа – Студентите победуваат“, со 14 потписници, повеќето универзитетски професори и јавни работници кои со месеци го поддржуваат движењето.
Меѓу нив се Марија Маруна, редовна професорка по урбанизам на Архитектонскиот факултет во Белград, родена во 1968 година, каде што дипломирала, магистрирала и докторирала; Катарина Шќепановиќ од Форумот на белградските гимназии; Горан Перишиќ, кој изјави дека потписниците ќе бидат дел и од самата изборна листа; Станислав Милошевиќ; Александар Чупиќ; архитектот Миљан Салата; Милица Јовановиќ; Сања Фриц од Градежниот факултет; Мирјана Николиќ, ректорка на Универзитетот за уметности; академикот Радомир Саичиќ од Хемискиот факултет; Душан Ѓурѓевиќ; драматургот и новинар Жељко Хубач; социјалната работничка Маја Црногорац Ѓуриќ и Мирослав Андриќ.
Составувањето на листата не поминало без внатрешни тензии. Името на професорот Мило Ломпар било повлечено од списокот, откако студенти од Нови Пазар се заканиле дека ќе ја напуштат листата доколку тој остане на неа, повикувајќи се на негови претходни изјави. Инцидентот отвори пошироки прашања за критериумите според кои студентите го „ветираат“ составот на листата, но и за тоа колку е широка коалицијата зад неа.
Лажни здруженија со речиси идентични имиња
Дополнителна конфузија предизвика откритието дека еден поединец, Давид Исаиловиќ, за само еден ден основал три посебни здруженија на граѓани со речиси идентични називи со официјалната иницијатива: „Студенти победуваат“, „Студентска листа Србија – Студенти победуваат“ и „Студентска листа Белград – Студенти победуваат“. Сите биле регистрирани на иста адреса во Нов Белград. Опозициските партии го оценија тоа како обид за создавање лажни, слични изборни листи со цел да се доведат гласачите во заблуда.
Владејачката Српска напредна странка веќе го консолидираше својот настап под името „Александар Вучиќ – Обединета Србија“, одлука што едногласно била донесена на седницата на Главниот одбор во Ниш. Аналитичарите оценуваат дека токму студентската листа претставува најголемата непозната во целата изборна трка, со отворени прашања околу тоа колку широко ќе успее да ги обедини гласачите незадоволни од власта, наспроти веќе поделената традиционална опозиција.