Volkswagen ќе укине до половина од моделите: Кои автомобили први се најдоа на листата за „отстрел“?

Германскиот автомобилски гигант најави радикално кратење на понудата до 2030 година, а најголем притисок ќе има врз моделите со слаба продажба, прескапо производство и преклопување со други возила во групацијата

Volkswagen влегува во најголемото поедноставување на својата понуда во поновата историја. Германската групација најави дека до 2030 година постепено може да укине до 50 отсто од глобалната палета на модели, во обид да ги намали трошоците, да ја забрза разработката на нови технологии и подобро да ѝ се спротивстави на сè посилната конкуренција, особено од Кина.

Компанијата планира и до 75 отсто помала сложеност во понудата, што не значи само помал број автомобили, туку и помалку мотори, нивоа на опрема, пакети и паралелни технолошки решенија кај различните марки. Целта е развојните пари да се насочат кон моделите што носат најголема заработка и имаат најсилна позиција на пазарот.

Volkswagen засега не објавил официјален список на модели што ќе исчезнат. Сепак, според анализите на автомобилските медиуми, веќе се издвојуваат неколку очигледни кандидати.

Golf, Tiguan и T-Roc засега се безбедни

Најпродаваните и најпрепознатливите модели не се очекува да бидат погодени во првиот бран.

Golf останува еден од столбовите на брендот, додека Tiguan и T-Roc се дел од профитабилниот SUV-сегмент. И Polo засега има силна позиција, иако неговата иднина во Европа сè повеќе ќе зависи од преминот кон електрични автомобили.

Тоа значи дека Volkswagen нема едноставно да ја преполови понудата по случаен избор. Најголемиот ризик го носат моделите што продаваат малку, се преклопуваат со други автомобили во групацијата или се прескапи за развој во однос на заработката што ја носат.

T-Roc Cabriolet, Taigo и ID.5 меѓу кандидатите

Меѓу моделите што најчесто се споменуваат како можни жртви е T-Roc Cabriolet, необичен SUV-кабриолет кој и онака зафаќа многу тесна пазарна ниша.

Под знак прашалник е и Taigo, купе-кросовер што во понудата стои меѓу Polo, T-Cross и T-Roc, поради што тешко може да оправда сопствено место во поедноставена гама.

Кај електричните модели, меѓу најизложените е ID.5, купе-верзијата на ID.4, која технички и пазарно премногу се преклопува со него. Неизвесна се смета и иднината на ID. Buzz, електричното комби со ретро-дизајн, кое привлече големо внимание, но не ги исполни целосно очекувањата во продажбата.

Бензинскиот Polo, пак, во иднина би можел постепено да му отстапи простор на најавениот електричен ID. Polo на европскиот пазар. Засега, сепак, нема официјална одлука за негово гасење.

Резовите нема да застанат кај Volkswagen

Планот ја опфаќа целата групација, а не само матичната марка.

Кај Škoda, како можен кандидат се споменува Scala, особено бидејќи е сместена меѓу Fabia и Octavia и има сè потешка задача да се избори за сопствен простор.

Seat би можел дополнително да ја изгуби важноста во рамките на групацијата, додека Cupra веројатно ќе продолжи да се развива како попрофитабилен и поскап бренд.

Audi веќе ги укина A1 и Q2, а идните резови би можеле да ги погодат некои Sportback-изведби и луксузниот A8.

Кај Porsche, моделите 911, Cayenne и Macan се сметаат за сигурни, но иднината на Taycan и Panamera би можела да доведе до нивно доближување или обединување во една моделска линија. Изведбите Sport Turismo и Cross Turismo, според медиумските процени, се меѓу најранливите.

Зошто Volkswagen мора да сече?

Volkswagen сака да ја зголеми профитабилноста и да ја поедностави структурата на групацијата во време кога европската автомобилска индустрија се соочува со послаба побарувачка, високи трошоци, бавен премин кон електрични возила и силна ценовна конкуренција од кинеските производители.

Новата стратегија предвидува и усогласување на платформите, софтверот и електронската архитектура, со цел истите технологии да се користат во повеќе марки наместо паралелно да се развиваат речиси идентични решенија.

Групацијата планира производството да го приспособи на реалната побарувачка, со цел околу девет милиони возила годишно. Финансискиот директор Арно Антлиц порача дека досегашните мерки за штедење повеќе не се доволни, додека извршниот директор Оливер Блуме вели дека Volkswagen мора да стане поедноставен, побрз и поконкурентен.

За купувачите, тоа веројатно ќе значи помал избор на ниши, каросериски изведби и пакети на опрема. За Volkswagen, пак, ова е обид да се задржи профитабилноста во индустрија што се менува побрзо од кога било.

Конечната листа на укинати модели допрва ќе се утврдува. Но пораката од Волфсбург веќе е јасна: времето кога секоја мала пазарна ниша добиваше свој автомобил полека завршува.

е-Трн да боцка во твојот инбокс