Војник спречи поголема штета во пожарот кај Стариот полигон во Скопје

Професионален војник со брза реакција спречил пожарот кај Стариот полигон во Скопје да се прошири на повеќе возила. При интервенцијата се здобил со полесна повреда.

Професионален војник на Армијата денеска спречил пожарот на просторот на поранешниот полигон за обука за моторни возила во Скопје да се прошири и да предизвика уште поголема материјална штета. Според информациите од Армијата, инцидентот се случил на локацијата спроти Националната арена „Тодор Проески“.

Станува збор за Христијан Божиновски, кој околу 15:40 часот, при заминување од работното место, забележал пламен кај неколку паркирани возила. Откако проценил дека постои реална опасност огнот брзо да се прошири и на другите автомобили, веднаш побарал поддршка од командирот на воениот стадион во Скопје.

Набргу потоа, припадници на Армијата кои биле на должност пристигнале на местото и со противпожарни апарати почнале да интервенираат за локализирање на пожарот.

Бидејќи огнот бил посилен и не можел целосно да се стави под контрола само со апаратите, војниците почнале да ги поместуваат возилата што сè уште не биле зафатени од пожарот. Со таа реакција било спречено огнот дополнително да се прошири.

За време на интервенцијата, Божиновски се здобил со полесна повреда на едната рака, по што му била укажана медицинска помош.

Од Армијата соопштија дека ваквата реакција уште еднаш покажува професионалност, присебност и пожртвуваност кај нивните припадници, и во ситуации кога не станува збор за редовна службена задача.

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни