Климатските промени и сè почестите суши го прават наводнувањето пресудно за опстанокот на земјоделското производство, а податоците од анкета спроведена меѓу 1.200 земјоделци од сите осум плански региони покажуваат дека најголемиот дел од нив веќе се потпираат на наводнување. Истражувањето, спроведено во рамките на Програмата за води од консултантската куќа „Епицентар“ во соработка со Националната федерација на фармери, покажува и дека земјоделците се подготвени да плаќаат за водата, но само доколку добиваат сигурна и квалитетна услуга.

„Не може повеќе да опстане земјоделството без наводнување“
Анкетата била спроведена во летниот период, кога земјоделците директно се соочуваат со проблемите поврзани со сушата и недостигот од вода. Според Билјана Петровска Митровска од Националната федерација на фармери, токму тоа придонело да се добијат релевантни податоци за реалните потреби на земјоделците.
„Многу значајна анализа спроведовме во летниот период. Навистина беше предизвик да се спроведе истражување во време кога е интензивна работата на поле и кога земјоделците се соочуваат со проблеми со наводнувањето. Тоа, сепак, ни овозможи да добиеме уште поквалитетни и пореални податоци, кои понатаму треба да помогнат во креирањето политики и стратегии“, вели Петровска Митровска.
Од вкупно 1.200 испитаници, 78 отсто одговориле дека ги наводнуваат своите земјоделски површини.
„Живееме во многу сушен регион, а веќе навлегуваат големи суши. Не може ништо да расте квалитетно и во доволни количества ако немаме наводнување. Веќе немаме време за чекање ако сакаме да го зачуваме земјоделството, да добиеме квалитетна храна и да ја зачуваме водата што ја имаме на располагање – и за пиење и за наводнување“, вели таа.

Подземните води се главен извор
Податоците покажуваат дека земјоделците користат различни извори на вода. Околу 40 отсто од испитаниците се потпираат на подземни води, додека околу 38 до 40 отсто ги користат постојните јавни системи за наводнување. Други 22 отсто користат површински води, најчесто кога нивните земјоделски површини се наоѓаат во близина на реки.
„Ова покажува дека подземните води се основен извор за обезбедување вода за наводнување во нашата држава. Од друга страна, позитивен податок е што 50 отсто од земјоделците користат системи капка по капка за наводнување на своите површини, што е многу добро и полезно“, вели Петровска Митровска.
Сепак, дел од земјоделците сè уште користат традиционални начини на наводнување, кои овозможуваат поголеми загуби на вода.
Водата и почвата често не се тестираат
Истражувањето покажало и проблеми со контролата на квалитетот на водата и почвата. Според Петровска Митровска, значителен дел од земјоделците не прават редовни анализи, што отежнува правилно планирање на употребата на ѓубрива и пестициди.
„Негативен податок од анкетата е тоа што 70 отсто од испитаниците не прават анализи за квалитетот на водата. Дополнително, 22 отсто одговориле дека немаат направено анализа на почвата или дека последната анализа ја направиле пред 10 или 15 години“, вели таа.
Според неа, без редовно тестирање тешко може да се утврди колкаво количество ѓубрива и пестициди навистина е потребно, но и дали и до кој степен доаѓа до загадување на водата и почвата.

„60 отсто се подготвени да платат, ако услугата е квалитетна“
Еден од најзначајните резултати од истражувањето се однесува на прашањето дали земјоделците би плаќале за водата што ја користат за наводнување. Дури 60 отсто од испитаниците одговориле дека се подготвени да плаќаат доколку услугата е квалитетна.
„Не треба да се префрла вината на земјоделците дека не сакаат да бидат во системот за наплата за користење на водата. Тие се подготвени да платат, но сакаат да добијат квалитетна услуга. Тоа значи дека инфраструктурата треба да биде подобрена и дека навреме треба да имаат вода кога им е најпотребна“, вели Петровска Митровска.
Таа посочува дека во услови на суша наплатата без гарантирана достапност на водата би била дополнителен товар за производителите.
„Замислете некој да плаќа, а да нема вода. Тоа е она што земјоделците го бараат. Тие се подготвени и за нови технологии за наводнување, како автоматското мерење на водата и автоматското наѓубрување, доколку добијат соодветна финансиска поддршка и едукација за нивна примена“, додава таа.

Потребен е интегриран систем за управување со водите
Според Националната федерација на фармери, следниот чекор треба да биде воспоставување интегриран систем во кој ќе има мерење и контрола на потрошувачката на вода, но и постојана проверка на нејзиниот квалитет.
„Потребно е да има интегриран систем, соодветно мерење, контрола на начинот на кој се користи водата и контрола дали водата е чиста или загадена. Од друга страна, еден од најголемите проблеми е што јавните системи за наводнување се во многу лоша состојба и потребно е нивно реставрирање“, вели Петровска Митровска.
Покрај обновата на постојната инфраструктура, таа смета дека е неопходно да се градат и нови системи за наводнување.
„Додека не се реставрираат постојните системи и не се изградат нови, не можеме да зборуваме за доходовен земјоделски сектор, ниту за земјоделството како одржлива професија и бизнис. Многу е важна и поддршката што треба да им се даде на земјоделците, како и едукацијата што ќе им помогне да го приспособат производството на новите климатски услови“, вели таа.
За Националната федерација на фармери, резултатите од истражувањето покажуваат дека водата повеќе не може да се третира само како природен ресурс кој е едноставно достапен. Во услови на климатски промени, таа станува и економски ресурс од кој директно зависи иднината на земјоделското производство.
„На водата не треба да гледаме само како на ресурс што го имаме. Таа е економски ресурс што треба да го користиме за наводнување во земјоделството, но истовремено мора да го штедиме и правилно да управуваме со него“, заклучува Петровска Митровска.