Во ОН денес ќе се гласа за промена на картата на светот

На барање на Того и други африкански земји светската мапа ќе се ревидира затоа што сега Африка е прикажана како помал континент од она што навистина е

Генералното собрание на ОН денес ќе гласа за резолуција со која светот официјално ќе почне да ја напушта традиционалната Меркаторова проекција на светската мапа и да преминува на мапа што попрецизно ја прикажува големината на Африка.

Роберт Дусеј, министерот за надворешни работи на Того, изјави дека резолуцијата е предложена од Того и дека е поддржана од други земји, вклучувајќи ги сите 54 членки на Африканската унија. Тој не го прецизираше вкупниот број на земји што ја поддржуваат иницијативата. „Ова не е политичка, туку научна дебата, бидејќи постојат научни докази и сите ние мора да ја прифатиме реалноста“, тврдеше тој.

Резолуциите на ОН не се правно обврзувачки, но доколку се усвојат, резолуцијата би можела да доведе до промени во образовните програми и секојдневната технологија, со оглед на широката употреба на Меркаторовата проекција во образованието, технологијата и управувањето.

Африканската унија ја поддржа кампањата во август 2025 година.

Проекцијата била воведена во 1569 година од фламанскиот картограф Герард Меркатор за да им помогне на морнарите во навигацијата. Речиси пет века подоцна, таа останува глобален стандард.

Поради начинот на кој е направена проекцијата, областите во близина на екваторот изгледаат многу помали отколку што се всушност, додека областите на високи географски широчини изгледаат многу поголеми. На пример, на картата, Африка изгледа дека е приближно со иста големина како Гренланд, иако африканскиот континент е 14 пати поголем од таа данска територија.

„Можете да ги ставите САД, Кина, Индија, Јапонија, Мексико и голем дел од Европа во Африка и сè уште да ви остане простор“, се вели во петицијата на Change.org, покрената како дел од кампањата #CorrectTheMap, која собра повеќе од 11.000 потписи. Африканската унија ја одобри кампањата во август 2025 година, по што побара од Того да го води процесот на нејзино усвојување.

Некои тврдат дека мапата суптилно влијаела врз меѓународните односи на моќ.

Историчарите и географите со години предупредуваат дека проекцијата на Меркатор е вкоренета во западните стереотипи. Активистите ги повторија тие критики, а некои дури го измислија и терминот „картографски колонијализам“, објави британскиот весник „Гардијан“ .

Некои тврдат дека мапата суптилно влијаела врз меѓународните односи на моќ, потценувајќи го физичкото присуство на глобалниот Југ, додека визуелно ги зголемува земјите од Северната хемисфера и ги намалува областите околу екваторот. Ова, тврдат тие, придонело за зајакнување на системските пристрасности во меѓународната трговија, развојните приоритети и образовните системи.

Еден од најистакнатите критичари на Меркаторовата проекција беше германскиот историчар Арно Петерс, кој во 1973 година ја претстави својата карта на светот заснована на Гал-Петерсовата проекција. Таа често се користеше како алтернатива на Меркаторовата карта.

Резолуцијата за трговијата со робови е усвоена во март

Того ја промовира употребата на попрецизната проекција „Еднаква Земја“ од 2018 година, развиена од меѓународна група картографи, преку кампањата #CorrectTheMap. Поддржувачите на кампањата веруваат дека нејзината имплементација би помогнала во промената на перцепциите за Африка и во деколонизацијата на образовните системи низ целиот свет.

Владата на Того се надева дека гласањето ќе заврши исто како и со друга резолуција поддржана од Африканската унија во ОН оваа година. Во март беше усвоена резолуција предложена од Гана, во која трговијата со робови се опишува како „најлошото злосторство против човештвото“. Резолуцијата беше гласана „за“ од 123 земји, три беа „против“ и 52 воздржани.

Успехот на Гана им даде причина на поддржувачите на промената на мапата да веруваат во позитивен исход. Владата на Того планира да организира настан во главниот град Ломе во првиот квартал од следната година со УНЕСКО, Африканската унија и технолошки компании како што е Google Maps за да се разговара за спроведувањето на резолуцијата.

„На оние кои прашуваат зошто сега, им велам: зошто да не? Кога ќе ја погледнеме картата на светот… време е да го промениме наративот. Време е ние во Африка да преземеме одговорност и да го промениме она што можеме да го промениме“, рече Дусеј.

е-Трн да боцка во твојот инбокс