Search

Внимание: На Скопје не му требаат уште споменици дивоградби како Ќосето – дали му требаат модерни згради?

Советот на Град Скопје изгласа споменикот на Ќосето пак да се постави на нова локација. Но, ги праша ли некој граѓаните што мислат за тоа? Не!

Затоа екипата на „Внимание, внимание“ ги прашува граѓаните што мислат за враќањето на споменикот на Ќосето во Скопје, и дали „Касапот“ е лик кој обединува или разединува.
Повеќето млади воопшто не знаат за споменикот, ниту пак за Ќосето, ниту ги интересираат спомениците. Повеќемина велат дека историски лик со прекар „Касапот“ не е симбол кој обединува, туку симбол кој разединува. Мнозинството воопшто не се заинтересирани за споменици, туку за решавање на други проблеми – „треба малце повеќе кон иднината да гледаме, а не кон спомениците назад“, вели еден граѓанин. Друга граѓанка вели дека е повеќе заинтересира за животниот стандард, отколку „дали ќе биде споменик на тој лево или десно“.

На прашањето „Дали на Скопје му требаат уште споменици дивоградби, или пак модерни згради?“ речиси сите испитаници велат дека на Скопје не му требаат уште споменици. „Подобро е тие пари да се инвестираат за нешто друго, за здравството на пример“, „Мислам дека треба да обрнат повеќе внимание на загадениот воздух и на ред други работи“, посочуваат младите.

Во однос на тоа дали на Скопје ми требаат модерни згради и висококатници, мислењата се поделени. Дел од граѓаните сметаат дека има доволно и модерни високи згради, а дел сметаат дека дефинитивно треба да се градат модерни згради. Тие што се против нови згради, укажуваат дека на Скопје му требаат повеќе паркови, зеленило, игралишта за деца – „Скопје има проблем со протокот на воздух“, „Скопје е веќе угушено во бетон“. Други сметаат дека на Скопје му требаат и облакодери, но „не треба да биде начичкано“. „Треба и високи згради, и убави, и модерни“, вели една скопјанка.

На местото на споменикот пред судот, граѓаните сугерираат зеленило или фонтана. „Јас сум за зеленило секогаш“, вели еден студент од Центар: „Дрвата се есенција, не можеме да бидеме без нив“. Граѓанката која предлага фонтана вели: „Фонтана, фонтаните придонесуваат за поубаво „Фенг шуи“, а поубавото „Фенг шуи“ предизвикува подобра психологија“.

Анкетата „Внимание, внимание – зборуваат граѓаните“, се емитува на каналите на „Трн“ (на Фејсбук, YouTube, и на Инстаграм) и нејзината цел е да се чуе гласот на граѓаните, посебно на младите. Гласот на граѓаните нѝ го претставува артистот Дениз Абдула, а продукцијата е на „Трн.мк“.

Најново

Последни колумни