Царината и граничната заштита (CBP) на САД користи инвазивна алатка базирана на вештачка интелигенција за следење и проверка на патниците, вклучително и државјаните на САД, бегалците и луѓето кои бараат азил, открива интерен документ на институцијата објавен од Motherboard.
Во веста се објавени повеќе детали за тоа како CBP користи алатка наречена Babel X. Таа му дозволува на корисникот да внесе дел од информациите за целта – нивното име, адреса на е-пошта или телефонски број – и да добие куп податоци за возврат. Во резултатите може да бидат вклучени нивните објави на социјалните мрежи, поврзаната IP адреса, историјата на вработување и уникатните идентификатори за рекламирање поврзани со нивниот мобилен телефон. Мониторингот може да се однесува на лица од САД, вклучувајќи граѓани и постојани жители, како и бегалци и баратели на азил, се вели во објавениот документ.
„Овој документ открива важни нови информации и покренува голем број прашања за кои специфични цели CBP го користи мониторингот на социјалните медиуми и како тој мониторинг се спроведува во пракса“, прашува Патрик Томи, заменик-директор на проектот за национална безбедност на организацијата Граѓанската унија за слободи (ACLU).
Babel X, креиран од Babel Street, според компанијата обезбедува пристап до јавно и комерцијално достапни информации на повеќе од 200 јазици на Интернет и „дарк веб“, а исто така наведуваат дека софтверот е помогнат од вештачка интелигенција. Во документот на CBP се вели дека некои од комерцијално достапните записи „содржат броеви за социјално осигурување “. Babel X исто така може да врши „анализа на чувства“, според веб-страницата. Во ноември, Babel Street објави дека ќе ја купи Rosette, компанија за анализа на текст со помош на вештачка интелигенција, која ќе помогне во „резолуцијата на идентитетите“ во контекст на националната безбедност, проверка на идентитетите и спречување на финансиски криминал.

Motherboard го доби документот на CBP, наречен Анализа на прагот на приватност (PTA), како дел од барањето за Законот за слобода на информации.
„Податоците од Бабел ќе се користат/собираат/чуваат како поддршка за таргетирање, проверка, операции и анализа на CBP“, се вели во документот. Babel X ќе се користи за „идентификување на потенцијални сомнителни информации“ за патници, лица од интерес и „лица кои бараат придобивки“. Документот потоа вели дека резултатите од Babel X ќе се чуваат во други системи управувани од CBP 75 години.
Документот наведува дека за употребата на Babel X е направена анализа за проценка на влијанието врз приваност во Електронскиот систем за овластување за патување кој е дизајниран за странци кои ги посетуваат САД; Систем за автоматско таргетирање, систем кој ги споредува патниците со базите на податоци на разузнавачките агенции; и Јавно достапната иницијатива за следење на социјалните медиуми на CBP, во која аналитичарите на CBP ги следат социјалните медиуми за закани за нивниот персонал или објекти.
„Се поголемото следење на социјалните медиуми од страна на американската влада ќе има влијание врз слободата на говор и здружување онлајн за многу луѓе. И употребата на оваа технологија за надзор на социјалните медиуми од страна на CBP е особено загрижувачка во врска со постоечките правила кои бараат милиони апликанти за виза секоја година да ги споделат своите профили од социјалните мрежи со владата. Владата едноставно нема легитимен интерес да собира и задржува такви чувствителни информации во вака огромен обем“, изјави Кери ДеСел, адвокат на Институтот Витези на Првиот Амандман.

Целосната листа на информации што Babel X може да им ги обезбеди на аналитичарите на CBP се име на целта, датум на раѓање, адреса, кориснички имиња, адреса на е-пошта, телефонски број, содржина на социјалните медиуми, слики, IP адреса, број на социјално осигурување, број на возачка дозвола, историја на вработување и податоци за локација врз основа на ознаките за геолокација во јавни објави.
Бенет Сајферс, специјален советник на активистичката организација Electronic Frontier Foundation, изјави за Motherboard во онлајн разговор дека „податоците не се ограничени на јавни објави направени под нечие вистинско име на Фејсбук или Твитер“.
Во документот се вели дека CBP исто така има пристап до информациите за AdID преку додаток наречен Locate X, кој вклучува податоци за локацијата на паметниот телефон. Информациите за AdID се податоци како што е уникатниот идентификатор за рекламирање на уредот, кој може да дејствува како корисен идентификатор за следење на телефонот и движењата на една личност. Обичните апликации инсталирани на паметните телефони на луѓето обезбедуваат податоци на компанијата наречена Gravy Analytics, која ги препакува податоците за локацијата и ги продава на државните агенции преку нејзината поврзана компанија Venntel. Но, Babel Street, исто така, ги препакува податоците на Venntel за сопствениот производ Locate X.
Во добиениот документ се вели дека Locate X е покриен посебни дозволи. CBP го одби барањето за пристап до јавни информации на Motherboard за копија од овој документ, тврдејќи дека „ќе ги открие техниките и/или процедурите за истраги или гонења за спроведување на законот“.

CBP купува пристап до податоците за локација без налог, практика за која критичарите велат дека го прекршува Четвртиот амандман. Според пресудата на Врховниот суд, на агенциите за спроведување на законот им треба судско одобрение пред да пристапат до податоците за локацијата генерирани од мобилните базни станици; тие критичари веруваат дека ова се однесува и на податоците за локацијата генерирани од апликациите за паметни телефони.
„Агенцијата за национална безбедност треба да јавно да каже пред американскиот народ доколку верува дека може легално да купува и користи податоци за локација во САД без каков било вид судски налог. Приватноста на Американците не треба да зависи од тоа дали владата користи судски налог или кредитна картичка“, изјави сенаторот Рон Вајден во изјавата за Motherboard. „Тие треба да престанат да ги кршат правата на Американците, а Конгресот треба да го усвои мојот предлог за да се забрани купувањето на податоци на Американците од страна на владата.“ CBP одби да му каже на Конгресот која законска можност ја користи за следење на локациите на Американци без налог
CBP ѝ платиле на Babel Street повеќе од 2,7 милиони долари за годишна претплата на Babel X во 2019 година и уште 265.000 долари во 2020 година, според евиденцијата за набавки преку Интернет. Babel Street, исто така, продале претплати на Babel X на Управата за безбедност на транспортот, Агенцијата за одбранбени информациски системи (DISA), крајбрежната стража на САД, морнарицата, воздухопловните сили, армијата, командата за специјални операции, службата за маршали на САД, ФБИ и на Стејт департментот.
Извор: VICE