Анархични тела и преиспитување на историјата на Викендот на гордоста Скопје 2026

Преку две исклучителни меѓународни продукции на уметници од Бразил и Британија, овогодишната квир програма во Скопје го истражува телото како простор на отпор и субверзија.

Првиот дел од перформативната програма на „Викенд на гордоста Скопје 2026“ започнува денеска под тематскиот наслов „Анархични тела: согласност да не се биде едно“. Годинашното издание на фестивалот за квир уметност, култура и теорија носи две меѓународни продукции кои ги отвораат прашањата за телесноста, историската меморија и трансгресијата. Публиката во Скопје ќе има можност да ги погледне перформансите „Евнуси“ на бразилското дуо „Irmãs Brasil“ и „Без извинување“ на наградуваната британска авторка Ема Френкланд.

„Евнуси“ носи ритуален театар и родов перформанс во МКЦ

Првиот настан е закажан за 4 јуни во Младинскиот културен центар (МКЦ), со почеток во 20:30 часот, каде ќе биде изведен перформансот „Евнуси“ (Eunuchs). Зад ова дело стои бразилското травести дуо „Irmãs Brasil“, составено од уметниците Вини Вентанија и Викторија Жовем. Нивната изведба претставува специфичен спој на танц, театар и перформанс кој се осврнува на историските аспекти на кастрацијата, транзициските технологии и родовиот перформанс во живо.

Евнуси

Уметниците, кои потекнуваат од семејство на родео работници во Сао Паоло, ја градат својата поетика врз судирот меѓу различните сценски јазици, манипулирајќи со слики и знаци за да отстапат од хетеронормативната и колонијална логика. Перформансот трае 40 минути, наменет е за публика постара од 18 години, а влезот за настанот е бесплатен и без билети, со услов за навремено пристигнување на публиката.

„Без извинување“ нуди алтернативна гранџ историја во Драмски театар

Програмата продолжува на 6 јуни во Драмскиот театар, каде во 20:00 часот ќе се изведе перформансот „Без извинување“ (No Apologies) на британската авторка и изведувачка Ема Френкланд. Ова гостување се реализира во соработка со белградската канцеларија на „ХАРТЕФАКТ Фонд“. Претставата нуди радикално преиспитување и погрешно сеќавање на култниот „MTV Unplugged“ концерт на групата Нирвана од 1993 година, испреплетувајќи ја поп-културата со митологијата и автобиографијата.

Делото доаѓа во Скопје по успешниот прием на Единбуршкиот фестивал, а во него се комбинираат театарски елементи со анархичен панк звук на композиторот Кир Купер и режија на Хари Клејтон Рајт. Изведбата трае 90 минути и е препорачана за лица над 16 години. За присуство на овој перформанс билетите се бесплатни, но задолжителна е претходна регистрација преку електронска пошта најдоцна до 5 јуни.

Фестивалот гради простор против доминантните општествени логики

Овогодишното издание на „Викенд на гордоста – Скопје 2026“ ќе трае до 13 јуни, со содржини лоцирани во неколку културни институции и локали низ градот, вклучувајќи ги Музејот на современата уметност (МСУ), МКЦ, Драмскиот театар, како и просторите на „Котур“ и „Љубов бар“. Преку концептот на анархичното тело, фестивалот предлага преиспитување на доминантните логики на суверенитет, автономија и индивидуализација кои го обликуваат телесното и политичкото искуство.

Настанот е организиран од Коалицијата „МАРГИНИ“ и ЛГБТИ Центарот за поддршка. Проектот е финансиски поддржан од Владата на Швајцарија во рамки на програмата „Култура за развој“, како и од повеќе меѓународни фондации и организации, додека програмски партнери се организациите „Локомотива“, „Контрапункт“, „КРИК“ и „ТрансФормА“.

е-Трн да боцка во твојот инбокс