Уште една жена е убиена и уште еднаш главен осомничен е поранешен интимен партнер. Случајот од скопското село Таор повторно го отвора прашањето за фемицидот, најекстремната форма на родово базирано насилство врз жените.
Педесет и едногодишен маж е лишен од слобода под сомнение дека ја убил својата поранешна сопруга, 48-годишна жена од Таор. Според информациите од Министерството за внатрешни работи и Основното јавно обвинителство, жената била пријавена за исчезната на 26 јуни, а следниот ден нејзиното тело било пронајдено на тешко пристапна шумска локација во близина на селото Летевци.
Обдукцијата потврдила дека смртта е насилна.
Според МВР, токму поранешниот сопруг првично пријавил дека жената се оддалечила од домот, а подоцна и дека ја пронашол почината. По преземените истражни дејствија, тој е приведен како главен осомничен, а во врска со случајот се приведени и тројца негови пријатели. Обвинителството соопшти дека се преземаат дејствија за целосно расчистување на случајот.
Фемицидот не е изолиран случај
Овој случај доаѓа во време кога организациите што работат на заштита од родово базирано насилство предупредуваат дека Македонија сè уште нема доволно ефикасен систем за превенција на фемицидите.
Според податоци на Министерството за внатрешни работи, во период од пет години во државата се евидентирани 26 случаи на фемицид, додека само во текот на 2025 година 4.745 жени пријавиле семејно насилство, што е највисока бројка досега.
Дополнително, во првото тримесечје од 2025 година биле евидентирани 391 нови жртви на семејно и родово базирано насилство, од кои 284 биле жени, а речиси сите сторители биле мажи.
Невладините организации со години предупредуваат дека зад секој фемицид најчесто претходат закани, психолошко или физичко насилство и пропусти во проценката на ризикот. Според нив, фемицидот ретко е „ненадеен чин“, туку последица на насилство кое често останува незапрено.
Истрагата за случајот од Таор продолжува, а обвинителството најавува дека ќе бидат преземени сите неопходни дејствија за целосно расчистување на настанот.