Во Студио PrivatePrint во Скопје на 7 мај 2026 година ќе биде отворена нова уметничка изложба насловена „Уште еден чекор, и оживуваме“ на уметницата Клелија Живковиќ. Настанот е дел од пошироката програма „Светло минато е пред нас“, која во текот на 2026 година се реализира како серија од пет мали самостојни изложби.
Отворањето ќе започне во 18:00 часот со уметнички разговор меѓу Душица Лазова и Клелија Живковиќ, а во 19:00 часот следува официјалното отворање на изложбата. Влезот за настанот е слободен, со претходна регистрација.
Изложбата „Светло минато е пред нас“ првично била претставена во галеријата „Шкуц“ во Љубљана во 2025 година, а сега добива нова форма и контекст во Скопје, преку дисперзирана програмска поставка во просторот на PrivatePrint Studio.
Централното дело на ова издание, инсталацијата „Уште еден чекор, и оживуваме“, го истражува концептот на „оживување“ како радикален чин на отпор. Делото се занимава со емоционалните и психолошките слоеви на угнетување, наследен срам и потиснување, поставувајќи прашања за тоа како поединецот се реконструира себеси во однос на општествените и внатрешните ограничувања.
Особен фокус во инсталацијата е ставен на пишувањето како уметнички и егзистенцијален метод. Фрагменти од дневници, белешки од истражувања и текстови од различни проектни процеси во последните пет години се трансформираат во просторна „читачка соба“, каде текстот станува материјал, а мислата – физичко присуство. На тој начин, пишувањето се претставува како чин на самоспознание, но и како форма на заедништво и отворање кон другиот.
Клелија Живковиќ (1989, Скопје) е трансдисциплинарна уметница со позадина во повеќе дизајнерски области. Нејзината практика се движи меѓу теорија, материјалност и лично искуство, истражувајќи ги границите физички, психолошки и емоционални – преку кои човекот се дефинира себеси и својата релација со просторот и другите.
Проектот е кофинансиран од Министерството за култура и туризам на Северна Македонија и Амбасадата на Шпанија во Скопје, додека програмата на уметнички разговори е курирана од Јана Старделова, во соработка со Tиииит! Инк. Скопје и со поддршка од Kvinna till Kvinna и Амбасадата на Шведска.