Израел се соочува со повеќенеделен недостиг на вода откако масовно цутење микроалги ги онеспособи погоните за десалинизација долж средоземниот брег. Научниците и еколошките експерти предупредуваат дека оваа еколошка криза е директна последица од израелското бомбардирање на пречистителните станици во Газа. Поради оштетувањата, милиони литри сурова канализација се излеваат во морето, а морските струи го туркаат загадувањето директно кон израелските филтри за питка вода.
Брегот на Израел деновиве се соочува со најголемиот удар врз водоводниот систем во поновата историја. Појас од микроалги со должина од речиси 100 километри навлезе во системите за преработка на морска вода. Филтрите на пет од вкупно шест погони за десалинизација беа целосно блокирани.
Овие шест постројки во нормални услови покриваат дури 85 отсто од израелските потреби за питка вода во домаќинствата. По неколку дена целосен прекин, погоните повторно работат, но со драстично намален капацитет додека тимовите се обидуваат да ги исчистат мембраните.
Властите воведоа итни рестрикции за потрошувачката на вода на југот од земјата. Земјоделците добија наредба веднаш да го прекинат наводнувањето на земјоделските површини, а граѓаните се повикани драстично да ја ограничат дневната потрошувачка на чешмите.
Ваквиот прекин директно ќе удри по локалниот пазар. Економските аналитичари веќе проценуваат дека сопирањето на наводнувањето ќе предизвика нов бран на поскапувања кај свежото овошје и зеленчук во израелските маркети.
Причината за експлозијата на токсичните алги лежи во разурнатата инфраструктура на Појасот Газа. По речиси три години континуирани воени операции, инфраструктурата за третман на отпадни води во палестинската енклава е практично збришана. Необработената канализација секојдневно истекува во Средоземното Море.
„Испуштањето необработена канализација од Газа во морето создава траен ризик за инфраструктурата за производство на вода долж јужниот брег“, изјави професорот Џек Гилрон, специјалист за десалинизација од Универзитетот Бен-Гурион.
Според израелската еколошка организација „Залул“, природата испрати јасна порака: еколошките кризи не можат да се оградат со ѕидови или воени линии.