ВИДЕО: Украински МиГ-29 собори руски дрон без испукан куршум

Борбениот авион со ризичен маневар од непосредна близина го исфрли од рамнотежа дронот Шахед користејќи ја силната турбуленција на моторите.

Украински борбен авион МиГ-29 успеа да собори руски дрон од типот „Шахед“ без да употреби ракети или да испука куршуми. Според видеоснимките што се појавија на социјалните мрежи и платформата Телеграм, пилотот изведе маневар со кој се приближи до дронот и го собори исклучиво со помош на силната воздушна струја што ја создава авионот.

Снимката од воздушната пресретнувачка акција првично беше објавена на украински канали на Телеграм, каде што потегот на пилотот беше опишан како „бакнеж на смртта“. На материјалот јасно се гледа како ловецот се приближува на мала дистанца зад и покрај беспилотното летало. Силното турбулентно струење од млазните мотори на ловскиот авион целосно го дестабилизира дронот-камиказа, по што тој губи контрола и паѓа кон земјата.

Ова невообичаено соборување претставува директна заштеда на скапи проектили од типот воздух-воздух.

Методот на турбулентно пресретнување има директна историска паралела од средината на минатиот век. За време на Втората светска војна, британските пилоти на Кралското воздухопловство (РАФ) развија слична техника за неутрализирање на германските летечки бомби V-1.

Британските ловци летаа непосредно до крилата на непријателската бомба за да го нарушат протокот на воздух, а во одредени случаи дури и физички го туркаа крилото на V-1 со сопственото крило за да ја исфрлат од курсот и да ја урнат пред да стигне до урбаните средини.

Украинското воено воздухопловство редовно ги ангажира своите преостанати ловци МиГ-29 за патролирање и пресретнување на руските крстосувачки ракети и беспилотни летала „Шахед-136“.

Вообичаената пракса при вакви задачи вклучува лансирање на ракети со краток дострел од типот Р-73 или дејство со топови од 30 милиметри. Меѓутоа, поради ограничените залихи на советско вооружување и интензивните секојдневни напади со евтини дронови, украинските пилоти сè почесто се принудени да применуваат алтернативни и високоризични тактички пристапи.

е-Трн да боцка во твојот инбокс