Украински дронови запалија магацин на „Вајлдберис“ и рафинерија на Лукоил

Пламени јазици зафатија над 100 илјади квадрати во логистички центар во Котовск, додека во Нижегородската област гори погон за гориво.

Украински дронови синоќа погодија логистички центар на најголемата руска интернет продавница „Вајлдберис“ во Тамбовската област и рафинеријата за нафта „НОРСИ“ на компанијата Лукоил во Кстово. Нападите предизвикаа масивни пожари на двете локации длабоко во руската територија, пренесуваат локалните власти и регионалните канали, при што во магацинскиот комплекс е повреден еден вработен.

Логистичкиот центар на „Вајлдберис“ во градот Котовск, Тамбовска област, беше цел на воздушен напад по кој изби пожар што зафати површина поголема од 100.000 квадратни метри.

Гувернерот на Тамбовската област, Евгениј Первишов, соопшти дека објектот на рускиот трговски гигант бил погоден при масовен напад со беспилотни летала врз регионот. Тој потврди дека еден вработен на компанијата се здобил со повреди. Ова претставува втор директен удар врз инфраструктурата на „Вајлдберис“ во кус период, по нападот од 16 август кога беше погоден нивниот главен центар во Московската област. Претходните денови на мета беа и магацините на конкурентската мрежа „Озон“.

Истовремено со ударот во Тамбов, пожар изби и во рафинеријата „НОРСИ“ во градот Кстово, сместен во Нижегородската област, на околу 800 километри од украинската граница.

Жителите на Кстово претходно пријавија сирени и звук на беспилотни летала на небото, по што на социјалните мрежи се појавија снимки од густ црн чад и оган над погоните. Станува збор за комплексот „Лукоил-Нижегородеоргсинтез“, четврта најголема рафинерија за сурова нафта во Русија и втор по големина производител на бензин во земјата.

Погонот во Кстово годишно преработува меѓу 15 и 17 милиони тони сурова нафта, произведувајќи битумен, дизел и авионско гориво директно наменето за руските сили.

Комплексот беше цел на повеќекратни украински напади во текот на изминатите месеци, вклучително и акциите во април, мај, јуни и јули, кои повремено доведуваа до прекин на одделни производствени единици. Со новите удари, украинските сили го продолжуваат притисокот врз руската логистичка и енергетска мрежа за да го отежнат водењето на воените операции.

е-Трн да боцка во твојот инбокс