Украински дронови трета ноќ по ред ја гаѓаат руската трговска мрежа „Озон“

Пожари избија во магацини во Краснодар и Адигеја, додека Киев систематски ја напаѓа руската комерцијална логистика.

Во масовен бран напади со украински беспилотни летала во текот на ноќта беа погодени логистички центри на рускиот онлајн трговец „Озон“ во повеќе региони во Русија. Ова е трета последователна ноќ во која се гаѓа инфраструктурата на компанијата, додека во регионот Краснодар падот на остатоци од соборени дронови врз детски центар однесе два детски животи и повреди уште девет лица, потврдија локалните руски власти.

Нападите предизвикаа серија пожари во големите логистички капацитети на „Озон“, кој важи за директен ривал на платформата „Wildberries“ и еден од столбовите на онлајн продажбата во Русија. Покрај пожарот во центарот во Краснодар, погодени се и магацини во местото Енем во руската република Адигеја, како и објекти во Невиномиск во Ставрополскиот крај.

Претставници на компанијата „Озон“ соопштија дека вработените од погодените центри се навреме евакуирани и дека нема настрадани меѓу работниците во магацините.

Новиот бран удари следи по нападите врз објектите на истата компанија во Самарската област на 22 август и во Оренбург на 23 август. Украина во последните недели значително ја смени тактиката – наместо исклучиво воени бази и рафинерии, фокусот сè повеќе се префрла кон клучните дистрибутивни центри и комерцијални складишта.

Целта на оваа стратегија, според воено-економските анализи, е директно да се наруши внатрешниот синџир на снабдување во Русија и економските последици од војната да станат секојдневие за руските граѓани.

Нападите се совпаѓаат со украинскиот Ден на независноста. Покрај логистичките хабови, според извештаи на локални канали за следење на конфликтот, забележани се и удари врз радарски позиции на Крим, како и врз индустриски зони во неколку руски погранични региони.

е-Трн да боцка во твојот инбокс