Украинските сили извршија обемен ноќен напад со ракети и со дронови врз руското пристаниште Новоросијск, при што оштетија два големи терминали за извоз на жито и ја погодија последната главна поморска база на Москва во Црното Море. Во нападот загинаа три лица, а 24 се повредени. Киев потврди дека цел на операцијата биле четири руски воени бродови, додека руските власти веќе бараат алтернативни копнени и морски патишта за загрозениот извоз на жито.
Украинскиот претседател Володимир Зеленски објави дека Киев започнал координирана воена акција со употреба на ракети, како и со воздушни и поморски дронови. Целта на оваа операција била директен удар врз инфраструктурата и пловила на руската флота во Новоросијск.
Russian Port of Novorossiysk yesterday after a massive air attack. pic.twitter.com/bN9uPRWbh4
— Special Kherson Cat 🐈🇺🇦 (@bayraktar_1love) August 13, 2026
Украинската армија дополнително соопшти дека во нападот се погодени четири руски воени бродови, меѓу кои и две фрегати. Од руска страна засега нема официјален коментар за состојбата со воените пловила.
„Окупаторската флота и целата инфраструктура што ја поддржува нема да бидат безбедни сѐ додека трае руската агресија“, изјави Зеленски во својата порака на социјалните мрежи.
Поголемиот дел од руската Црноморска флота беше преместен токму во Новоросијск откако претходната база во Севастопол, на окупираниот Полуостров Крим, стана премногу изложена на чести украински напади. Со овој последен удар, Киев ги загрози руските воени капацитети и во оваа клучна точка.
Локалните власти потврдија дека во текот на ноќниот напад животот го загубиле три лица, меѓу кои и едно осумгодишно дете, додека 24 луѓе се хоспитализирани со повреди.
Покрај воените цели, нападот нанесе сериозни оштетувања и на цивилната трговска инфраструктура. Две големи компании за трговија со земјоделски производи потврдија за медиумите дека нивните терминали за складирање и за утовар на жито се директно погодени.
Поради оштетувањата на капацитетите во Новоросијск, руското Министерство за земјоделство соопшти дека веќе работи на пренасочување на стоковниот сообраќај. Рускиот извоз на жито ќе се префрла кон пристаништата на Балтичкото и на Каспиското Море, како и преку алтернативни копнени транспортни рути.