Забраната за користење на водата од гостиварскиот водовод за пиење и за подготовка на храна останува во сила за сите угостители и оператори во градот. Од Агенцијата за храна и ветеринарство соопштија дека бизнисите мора да користат техничка вода додека лабораториските анализи не потврдат дека водоводот е безбеден. Инспекциските служби спроведуваат вонредни контроли по откривањето на дивите пумпи во селото Вруток.
Директорот на Агенцијата за храна и ветеринарство, Оливер Миланов, на прес-конференција информираше дека инспекторите ги проширија контролите врз сите оператори со храна во Гостиварско. Се земаат дополнителни мостри од целиот водоснабдителен систем, вклучително од градинки, јавни установи и угостителски објекти.
Агенцијата најави казни и законски мерки за секој субјект што нема да ги почитува издадените препораки и забрани. Забраната беше донесена веднаш по добиените известувања од Основното јавно обвинителство Гостивар и Министерството за внатрешни работи за можна загрозеност на здравјето на граѓаните.
Проблемот настанал откако вонредниот надзор на 16 јули во селото Вруток утврдил дека во главниот цевковод биле диво поставени пумпи. Овие пумпи без одобрение вбризгувале непрочистена вода од реката Вардар директно во водоснабдителниот систем.
Во соработка со Министерството за животна средина и полицијата, стручни лица од Институтот за јавно здравје зедоа мостри од четири точки, меѓу кои од резервоарот, каптажата, површинската вода и јавна чешма. Финалните одлуки за нормализација на состојбата ќе зависат од официјалните резултати на Институтот.