Албанската полиција го уапси осомничениот за утринското убиство во Ксамил, откако тој бил пронајден скриен во багажникот на автомобил на патот Леван Фиер.
Станува збор за 29 годишниот Сократ Вата од Хас, кој е осомничен дека со повеќе убоди со нож го усмртил 21 годишниот Луис Мигуел Варела Мендес. Младиот човек бил пронајден мртов на лежалка во Ксамил во утринските часови.
Осомничениот бил уапсен од оперативните служби на Управата за локална полиција во Валона, во соработка со припадници на силите „Шќопоња“. Апсењето било извршено на заеднички контролен пункт на патниот правец Леван Фиер.
Се криел во багажникот на автомобил
Според албанската полиција, Вата бил скриен во багажникот на автомобил управуван од 31 годишна турска државјанка. Во возилото како сопатник патувал и 38 годишен турски државјанин.
Тројцата биле лишени од слобода и спроведени во Полициската станица во Валона за понатамошно постапување. Полицијата сега проверува дали двајцата турски државјани знаеле дека го превезуваат осомничениот и дали на кој било начин биле вмешани во неговото бегство.
Според досегашните информации, возилото се движело во правец кон Тирана, што укажува дека осомничениот се обидувал да го напушти подрачјето по убиството.
Жртвата не била Французин, туку Португалец
Албанската полиција дополнително ја утврдила и националноста на жртвата.
Првично во дел од информациите се наведуваше дека станува збор за француски државјанин, но полицијата потврди дека жртвата е португалски државјанин Луис Мигуел Варела Мендес, роден на 27 септември 2005 година.
Тој бил пронајден мртов на лежалка во Ксамил, а според досегашните информации смртта била предизвикана од повеќе убоди со нож.
Осомничениот има криминално минато
Истрагата треба да утврди и дали осомничениот делувал сам и што точно се случувало пред и по убиството.
Според информациите објавени во медиумите, Вата има криминално минато во странство и претходно бил уапсен и осуден во Велика Британија за повеќе сериозни кривични дела, меѓу кои и дела поврзани со шверц на кокаин.
Албанската полиција и обвинителството продолжуваат со истрагата за целосно утврдување на околностите на убиството, како и за евентуалната вмешаност на лицата кои биле во автомобилот.
Сите тројца се наоѓаат во полициска станица во Валона, каде што треба да продолжат процесуалните дејствија.