Во Фиренца, туристка е обвинета за оштетување на историската Нептунова фонтана, откако се качила на мермерниот споменик во обид да ги допре гениталиите на ликот на римскиот бог Нептун. Според градските власти, станува збор за 28-годишна жена чија националност не е објавена, а полицијата ја забележала и брзо ја симнала од споменикот.
Фонтаната се наоѓа на плоштадот Пјаца дела Сињорија и е едно од најпознатите обележја на градот. Делото го изработил скулпторот Бартоломео Аманати, а било нарачано во 1559 година од Козимо Први де Медичи по повод свадбата на неговиот син Франческо Први со Јована Австриска.
Според соопштението на градската управа, жената им кажала на полицајците дека пријателите ја предизвикале да го изведе потегот. По увидот, стручните служби утврдиле „мала, но значајна штета“ на нозете на коњите по кои газела, како и на фризот за кој се држела за да не се лизне. Поправката е проценета на 5.000 евра.
Ова не е прв ваков случај во Фиренца. Надзорни камери на Нептуновата фонтана биле поставени уште во 2005 година, откако друг посетител ја оштетил статуата. Во 2023 година и германски турист предизвика значителна штета обидувајќи се да се качи на истиот споменик за фотографија.
Градските власти предупредуваат дека ваквите инциденти стануваат сè почести, особено поради желбата на дел од посетителите да снимаат содржини за социјални мрежи. Фиренца, која годишно ја посетуваат околу 16 милиони туристи, сè почесто се соочува со прашањето како да го заштити културното наследство од површен однос и неодговорно однесување.