Тројно убиство во Црна Гора, полицијата во потера по вооружениот убиец

Црногорската полиција ги повика граѓаните на Даниловград да останат во своите домови додека трае потрагата по осомничениот за крвавиот напад.

Тројно убиство во Црна Гора попладнево ја крена на нозе полицијата, откако три безживотни тела беа пронајдени на стрелиште во близина на Даниловград. Вооружениот напаѓач е во бегство, а полициските сили веднаш го блокираа целото подрачје и започнаа опсежна потера. Поради високиот безбедносен ризик, полицијата упати итен апел до локалните жители да не ги напуштаат своите домови додека трае потрагата.

Трагедијата се случила на просторот на приватното стрелиште „Чешка збројевка“ во околината на Даниловград. Полициските екипи пристигнале на местото по пријава и затекнале три машки лица без знаци на живот, сите со прострелни рани.

Местото на настанот е целосно блокирано од специјални полициски сили. Увидот го води надлежен обвинител од Вишото државно обвинителство во Подгорица.

Управата на полицијата на Црна Гора упати официјално предупредување до граѓаните од околните населени места да останат во домовите и да избегнуваат движење на отворено.

Според првичните информации од теренот, осомничениот за нападот е вооружен и во бегство. Сите излези од Даниловград и патните правци кон Подгорица и Никшиќ се под строга полициска контрола, а во потрагата се вклучени и специјални тактички единици.

е-Трн да боцка во твојот инбокс