Осум пожари и натаму се активни низ Македонија, додека во изминатото деноноќие биле регистрирани вкупно 31 пожар на отворен простор. Противпожарните екипи успеале да изгаснат 23 пожари, информира ЦУК. Особено тешка е состојбата кај Палиград, каде утринава интервенираат три „ертрактори“ на Дирекцијата за заштита и спасување. Огнот се приближил на околу сто метри од последните куќи во селото.
Истовремено, кај Бонче во Општина Прилеп пожарникарите успеале да спречат огнот да стигне до селото, каде има десетици куќи распоредени на ридови. Директорот на ДЗС, Стојанче Ангелов, изјави дека доброволни пожарникари од Битола и Кочани во текот на ноќта биле распоредени на линијата на огнот. Неколкумина од нив вдишале чад.
„Ако не беа тие, огнот сигурно ќе преминеше во селото и ќе имавме страшна глетка. Избегната е голема трагедија“, рече Ангелов.
Каде гори?
Активни пожари има и:
- меѓу Моране, Вртекица и Рамни Габер, со крак кон Палиград;
- над Вражале, во подрачјето на Студеничани и Зелениково;
- кај Цветово, кон стариот пат за Елово;
- во Видуш, Драгов Дол и Локвица, во Македонски Брод;
- кај Тајмиште, Кичевско, каде гори високостеблеста букова шума;
- меѓу Ломница и Ѓурѓевиште, во Врапчиште;
- кај Церово, во Маврово и Ростуше;
- во Желино, каде гори ниска вегетација и папрат.
Ангелов предупреди дека состојбата останува алармантна, бидејќи високите температури продолжуваат, а во наредниот период не се очекуваат врнежи. „Добро е што немаме загинати или повредени и нема изгорени куќи“, рече Ангелов, упатувајќи апел до граѓаните на максимална внимателност.