Трамп објави мапа на која Исланд е прикажан под американското знаме

Тврдењата на Трамп во последните години дека САД мора да го преземат Гренланд, полуавтономна данска територија, предизвикаа тензии меѓу Вашингтон и Копенхаген

Исланд го повика американскиот амбасадор во понеделник откако претседателот Доналд Трамп објави фотографија на социјалните мрежи на која се гледаат островот и други земји обвиткани со американско знаме, објави локалниот радиодифузер RUV.

На картата се прикажани САД, Канада, Гренланд, Исланд, Мексико, Централна Америка и Карибите прекриени со американското знаме, додека целата копнена маса беше означена како „Соединети Американски Држави“.

Трамп ја објави сликата на својата платформа „Truth Social“ без објаснување.

Исландскиот министер за надворешни работи Торгедур Гунарсдотир го покани Били Лонг, американскиот амбасадор во Исланд, кој формално ја презеде функцијата минатиот месец, објави исландскиот јавен радиодифузен сервис RUV, а пренесува Ројтерс .

„Ставот беше јасно изразен дека објавата е целосно несоодветна“, соопшти Министерството за надворешни работи за RUV.

Американскиот Стејт департмент, амбасадите на САД во Копенхаген и Рејкјавик и американскиот конзулат во Нуук не одговорија веднаш на барањата за коментар. Министерството за надворешни работи на Исланд, исто така, не одговори на барањето за коментар.

Тврдењата на Трамп во последните години дека САД мора да го преземат Гренланд, полуавтономна данска територија, предизвикаа тензии меѓу Вашингтон и Копенхаген, и двете членки основачи на НАТО, како и пошироко низ цела Европа.

е-Трн да боцка во твојот инбокс