Американскиот претседател Доналд Трамп во телефонски разговор остро го критикувал израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху поради ескалацијата на конфликтот во Либан, објави „Аксиос“, повикувајќи се на двајца американски функционери и уште еден извор запознаен со разговорот.
Според изворите, Трамп бил лут поради израелските планови за напад врз Бејрут, во момент кога САД водат чувствителни преговори со Иран. Иран претходно се закани дека ќе се повлече од разговорите со Вашингтон поради израелските акции во Либан.
За време на разговорот, Трамп, според два извора на „Аксиос“, го нарекол Нетанјаху „лудак“ и го обвинил за неблагодарност. Американскиот претседател, исто така, го запрел израелскиот план за напад врз либанската престолнина.
Еден американски функционер изјавил дека Трамп го предупредил Нетанјаху дека евентуално бомбардирање на Бејрут дополнително би го изолирало Израел на меѓународната сцена.
Според извори на „Аксиос“, Трамп во разговорот тврдел и дека токму тој му помогнал на Нетанјаху да избегне затвор, алудирајќи на својата поддршка за време на судењата за корупција против израелскиот премиер.
„Целосно си луд. Да не бев јас, ќе завршеше во затвор. Те спасувам. Сега сите те мразат. Сите го мразат Израел поради ова“, му рекол Трамп на Нетанјаху, според еден американски функционер.
Друг извор тврди дека Трамп во еден момент викнал: „Што, по ѓаволите, правиш?“
Американски функционери наведуваат дека Трамп разбира дека Хезболах го ракетира Израел и дека Израел има право да се брани, но смета дека Нетанјаху во последните денови претерал со ескалацијата.
Покрај заканите за напад врз Бејрут, Израел ја прошири и копнената операција во јужен Либан. Според еден американски функционер, Трамп бил особено загрижен поради големиот број цивилни жртви и се спротивставил на уривање цели згради заради ликвидација на поединечни команданти на Хезболах.
Израелски функционер изјавил дека Израел повеќе не планира напади врз цели на Хезболах во Бејрут.
По разговорот, Нетанјаху објави соопштение во кое наведе дека му кажал на Трамп оти Израел ќе нападне цели во Бејрут ако Хезболах не престане со нападите врз Израел. Додаде дека израелските сили во меѓувреме ќе продолжат со операциите во јужен Либан.
„Нашиот став останува непроменет“, порача Нетанјаху.
Сепак, друг американски функционер тврди дека Трамп во разговорот целосно го надвладеал израелскиот премиер.
„Биби на крај рече: ‘Во ред, во ред, само погрижи се сè да биде решено’“, изјавил функционерот.
Канцеларијата на Нетанјаху не одговорила на барањето за коментар.
Според изворите на „Аксиос“, меморандумот за кој преговараат САД и Иран вклучува и прекин на конфликтот во Либан. Токму тоа прашање било повод и за претходни тензични разговори меѓу Трамп и Нетанјаху.
По разговорот со Нетанјаху, Трамп на Truth Social објави дека преговорите со Иран „продолжуваат со забрзано темпо“.