Трамп го нападна Мерц: „Нека си ја среди својата разурната држава“

Доналд Трамп остро го нападна германскиот канцелар Фридрих Мерц по неговите изјави за Иран, порачувајќи дека Германија треба повеќе да се занимава со Украина, миграцијата и енергетиката.

Американскиот претседател Доналд Трамп повторно го нападна германскиот канцелар Фридрих Мерц, овојпат преку објава на својата социјална мрежа „Трут сошал“.

Ова е продолжение на судирот меѓу двајцата лидери, кој започна откако Мерц изјави дека Иран ги понижува САД со одложување на преговорите во контекст на војната меѓу САД и Израел против Иран.

Трамп претходно остро реагираше, тврдејќи дека Мерц „мисли дека е во ред Иран да има нуклеарно оружје“ и дека „не знае за што зборува“. Еден ден подоцна, американскиот претседател напиша дека Вашингтон размислува за намалување на бројот на американски војници во Германија.

„Германскиот канцелар треба да посвети повеќе време на завршување на војната меѓу Русија и Украина, во што беше целосно неефикасен, и на средување на својата разурната држава, особено миграцијата и енергетиката, а помалку да им се меша на оние што ја отстрануваат иранската нуклеарна закана и со тоа го прават светот, вклучително и Германија, побезбедно место“, напиша Трамп.

Германскиот канцелар денеска во Минстер речиси целото свое обраќање го посвети на сојузништвото со САД и единството на НАТО. Иако не го спомена директно Трамп, пораката беше јасна: Германија не го доведува во прашање трансатлантското партнерство.

Мерц истакна дека Берлин се води од „јасен компас“ насочен кон НАТО и сигурно партнерство со САД. Тој порача дека Германија дејствува „рамо до рамо“ со сојузниците и дека одржува близок и доверлив контакт со Вашингтон.

Во истиот контекст, Мерц ја нагласи важноста од реформа на Бундесверот, истакнувајќи дека германската војска мора да биде подготвена и за брза реакција и за долгорочни безбедносни предизвици. Како знак на континуитет во соработката, го посочи и неодамнешниот посетa на висок американски воен командант на истата база.

Промена во тонот се забележува и во неговите изјави за Иран. Овојпат Мерц го насочи притисокот кон Техеран, порачувајќи дека Иран мора да седне на преговарачка маса и да престане да ја загрозува регионот и светот. Тој нагласи дека Германија дејствува во блиска координација со САД и партнерите.

Критиките на Трамп кон сојузниците во НАТО и заканите за намалување на американското воено присуство во Европа не се нови. Иако такви потези се разгледуваат, аналитичарите оценуваат дека целосно повлекување е малку веројатно, бидејќи САД имаат значајни стратешки придобивки од присуството во Германија.

Војната во Иран дополнително ја зголеми загриженоста во Европа, која паралелно се подготвува за поголема сопствена одбранбена улога.

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни