Крипто-бизнисот на Трамп заработува од кинески AI модели кои САД ги смета за закана

Платформата World Liberty Financial, во која семејството Трамп има 38% удел, на корисниците им нуди пристап до кинески AI модели кои Белата куќа ги третира како национална закана.
Фото: Flickr/ABC/ Ida Mae Astute

Крипто-проектот World Liberty Financial, директно поврзан со семејството на американскиот претседател Доналд Трамп, остварува финансиска корист преку соработка со платформата WorldClaw. Оваа мрежа на корисниците им нуди пристап до десетици модели на вештачка интелигенција развиени од кинески технолошки гиганти. Соработката отвора сериозни дилеми во Вашингтон, бидејќи дел од тие компании се наоѓаат на црната листа на САД поради ризици по националната безбедност.

Според анализата на Reuters, платформата WorldClaw овозможува користење на вкупно 90 AI модели, од кои дури 43 се производ на кинески компании како Alibaba, Baidu и Z.ai. Иако на платформата се присутни и американски модели од OpenAI и Anthropic, корисниците услугата ја плаќаат со стабилната криптовалута USD1.

Токму овој стабилен токен го издава World Liberty Financial, компанија во која семејството Трамп поседува 38 проценти од сопственоста. Со секое користење на крипто-токените за пристап до кинеската технологија, семејството Трамп директно остварува финансиски приход.

Деловниот однос меѓу World Liberty Financial и WorldClaw не е противзаконски, а користењето на кинески AI модели сè уште не е нелегално во САД. Кинеските алгоритми се сè по популарни на глобалниот пазар бидејќи нудат пониски цени во споредба со американската конкуренција.

Сепак, безбедносни експерти предупредуваат на длабок јаз меѓу официјалната политика на американската администрација и приватните бизнис интереси на претседателот. Сем Бресник од Центарот за безбедност и нови технологии при Универзитетот Џорџтаун истакнува дека е проблематично да се остварува профит од алатки чиј подем американската влада се обидува да го спречи.

И покрај тоа што овие бизнис зделки се одвиваат во време кога Вашингтон воведува сè поригорозни рестрикции за извоз на технологија кон Кина, Белата куќа засега ги отфрла сите обвинувања за конфликт на интереси.

Сепак, случајот ја бранува јавноста бидејќи покажува како крипто-секторот и дигиталните токени овозможуваат заобиколување на геополитичките тензии, носејќи профит за семејството Трамп од технологијата против која официјално се борат.

е-Трн да боцка во твојот инбокс