Американскиот претседател Доналд Трамп објави долга порака на својата социјална мрежа Трут соушл (Truth Social) по повод американскиот празник Ден на благодарноста. Во неа ги нападна политичките противници, новинарите, имигрантите и статистичарите, а особено внимание посвети на сомалиската заедница во сојузната држава Минесота.
Објавата ја започна со честитка до „сите американски патриоти кои работеле толку напорно за да ја направат нашата земја голема“. Но, веднаш потоа им го честиташе празникот и на оние што ги обвинува за манипулирање со економските податоци пред неодамнешните избори.
„Дополнително, сакам да им го честитам Денот на благодарноста и на оние што објавија лажни економски бројки непосредно пред изборите, а ги исправија дури вчера, со три недели задоцнување, покажувајќи дека БДП всушност изнесувал 4,3%, наместо 3,4%. РЕКОРДНА ГРЕШКА, толку сериозна што треба веднаш да се истражи“, напиша Трамп.
„Сакаат нашиот судски систем да го претворат во шеријатски“
Во продолжение се осврна на политичките противници од левицата, обвинувајќи ги дека сакаат да ја придвижат земјата кон радикалната левица и да го променат судскиот систем според исламското право.
„Исто така, сакам да им посакам многу среќен Ден на благодарноста на сите оние што работеа толку напорно за да ја одведат нашата земја кон радикалната крајна левица, на оние што сакаат нашиот судски систем да го претворат во шеријатски, на оние што сакаат да го прераспределат имотот, така што сите вредни луѓе кои во текот на животот стекнале одредено богатство ќе бидат принудени да го распределат низ целата земја, дури и меѓу оние што одбиваат да работат“, порача американскиот претседател.
Посебен дел од објавата ѝ посвети на сомалиската заедница во Минесота, барајќи огромното мнозинство од нејзините припадници веднаш да биде протерано од САД.
„Сакам да им се заблагодарам на оние два процента од нашето сомалиско население кои имаат работа и навистина се подготвени да работат, без да добиваат државна помош. Тоа се прекрасни американски ‘граѓани’ и треба да им биде дозволено да останат во нашата земја и да го слават Денот на благодарноста со нас. Останатите треба веднаш да бидат протерани, со што ќе се спаси големата држава Минесота, која нема никакви шанси ако им се дозволи да останат“, напиша Трамп.
Ја бранеше реконструкцијата на Белата куќа и најави балска сала
Трамп се осврна и на критиките од медиумите и дел од јавноста поради градежните работи во Белата куќа. Тој ги обвини критичарите дека не ја разбираат состојбата во која се наоѓала зградата и ги бранеше зафатите што ги презел.
„Сакам да изразам сочувство до новинарите и граѓаните кои не ја разбираат нечистотијата, запуштеноста, недостигот од одржување и корупцијата, а ми се лутат затоа што одвоив време од мојот многу исполнет распоред за да поправам 17 скршени прозорци, бројни оштетени и изгниени столбови, скршени, дотраени и недостасувачки декоративни лајсни, како и недостигот од соодветно малтерисување и бојадисување на Белата куќа“, напиша тој.
Според Трамп, за зградата со години не се водела соодветна грижа. Тој истакна дека Белата куќа била изградена во 1792 година и дека дошло време таа да се обнови, бидејќи е еден од главните симболи на САД.
„Денес никогаш не изгледала подобро, а наскоро ќе добие и балска сала каква што претседателите бараат повеќе од 150 години“, додаде Трамп.
„Најважно, им благодарам на убијците, дилерите на дрога и криминалците“
Последниот дел од празничната порака го посвети на мигрантите кои неговата администрација ги депортирала од САД. Трамп ги нарече убијци, дилери на дрога и криминалци, тврдејќи дека нелегално влегле во земјата од затвори, казнено-поправни установи, психијатриски институции и непознати места во други држави.
„Најважно, им благодарам на убијците, дилерите на дрога и криминалците од сите облици, големини и бои, кои нелегално влегле во нашата земја од затвори, казнено-поправни установи, психијатриски институции и непознати места во други земји, за да силуваат, ограбуваат и убиваат американски граѓани во рекорден број“, напиша американскиот претседател.
На крајот порача дека тие луѓе повеќе нема да се вратат во САД.
„Сега ги нема, главно се вратени таму од каде што дошле и, се надеваме, живеат убав и идиличен живот, ветувајќи, во идеален случај, дека никогаш повеќе нема да убиваат невини луѓе. Но, за тоа нема да мораме да се грижиме бидејќи СИ ЗАМИНАА. Сепак, им посакувам среќен Ден на благодарноста, иако се во далечни земји. Многу ни недостигате, но никогаш нема да се вратите, а Америка никогаш нема да дозволи да се повтори она што ни го направивте“, заклучи Трамп.
