Топлотните бранови во Белгија однесоа 2.935 животи повеќе од вообичаениот просек ова лето, соопшти државниот институт за јавно здравје „Sciensano“. Во најтешкиот период меѓу јуни и јули, смртноста во земјата пораснала за дури 48,8 отсто над очекуваното ниво. Ваквиот скок на смртни случаи е највисок забележан во белгиската статистика за време на екстремни горештини од почетокот на мерењата во 2000 година.
Најкритичниот бран траеше од 18 јуни до 3 јули, кога беа евидентирани 2.035 прекумерни смртни случаи.
Во текот на овие две недели, максималните дневни температури десет дена по ред беа околу 30 Целзиусови степени. Во три од тие денови живата во термометрите се искачи до 35 степени, придружена со исклучително топли ноќи без пад на температурата. Белгиските експерти наведуваат дека токму недостатокот на ноќно разладување го прави ваквиот притисок врз човечкото тело значително поопасен.
Летото донесе уште два топлотни брана, иако со помали последици врз стапката на смртност. Меѓу 4 и 17 јули беа регистрирани 535 дополнителни смртни случаи, односно пораст од 14,8 отсто, додека третиот бран, кој траеше од 28 јули до 16 август, однесе 365 животи над очекуваното ниво (7 отсто).
Иако граѓаните на возраст од 65 години и постари сочинуваат најголем дел од жртвите, институтот „Sciensano“ соопшти дека прекумерна смртност се јавува и кај помладата популација. Според метеоролошката агенција на Обединетите нации, овие периоди во Европа стануваат сè почести, поинтензивни и траат подолго.