„Talking Heads: 77“, дебитантскиот албум што редефинираше цела музичка ера

Комерцијално речиси незабележан во моментот на излегувањето, албумот денес се смета за еден од најважните во историјата на рок-музиката, а неговиот студен, нервозен звук дефинираше цела генерација бендови.

На 16 септември 1977 година, преку издавачката куќа „Сајр рекордс“, бендот „Токинг хедс“ го објави својот дебитантски албум, „Talking Heads: 77“. Во моментот на излегувањето, албумот стигна само до 97-то место на „Билборд 200“, а насловниот сингл „Psycho Killer“, денес класик, стигна до скромното 92-ро место на „Билборд хот 100“. Речиси три децении подоцна, списанието „Ролинг стоун“ го вклучи меѓу 500-те најголеми албуми во историјата на музиката.

Тројца студенти по уметност

Бендот е формиран од Дејвид Бирн, Крис Франц и Тина Вејмаут, студенти на Факултетот за дизајн на Род Ајленд, кои свиреле заедно уште како трио, пред да го привлечат вниманието на издавачките куќи преку настапите во легендарниот клуб „Си-би-џи-би“ во Њујорк.

Џери Харисон, поранешен член на бендот на Џонатан Ричман, „Модерн лаверс“, се приклучил кон групата во 1977 година, токму во текот на снимањето на албумот, комплетирајќи ја поставата.

Град во криза како позадина

Албумот излегол во момент кога Њујорк се наоѓал во постојана траума: голем дел од градот бил зафатен со масовна пљачка по големиот прекин на струјата, а жителите со месеци биле тероризирани од серискиот убиец познат како „Син на Сем“, кој бил уапсен само еден месец претходно, во август 1977 година.

Нервозниот, испрекинат звук на албумот, со неговите неправилни ритми и одвоената, речиси дистанцирана вокална изведба на Бирн, целосно се вклопил во тогашната атмосфера на градот.

Не панк, туку нешто друго

За разлика од многу свои современици од сцената на „Си-би-џи-би“, „Токинг хедс“ не биле конвенционален панк-бенд. Наместо бес и агресија, тие носеле иронија, интелектуализам и уметничка дистанца, комбинирани со влијанија од до-мотаун, соул-музиката и, подоцна, афро-карипските ритми.

Токму поради тоа, критичарите брзо ги сместиле во ново, пошироко поле, познато како „нов бран“ (new wave), заедно со изведувачи како „Телевижн“, Елвис Костело и „Дево“, кои со паметна иронија ги напаѓале конвенциите на рокот, наместо со суров бес.

Песна за сериски убиец, снимена во иста година кога вистински тероризирал град

Насловниот сингл „Psycho Killer“, инспириран делумно и од атмосферата на страв во тогашниот Њујорк, останува најпознатата песна од албумот, и покрај скромниот пласман на листите во времето на излегувањето.

Продукцијата на албумот официјално му е припишана на Тони Бонџови, братучед на Џон Бон Џови, иако членовите на бендот подоцна тврделе дека вистинската работа ја извршил тонскиот инженер Ед Стазиум, а не самиот продуцент.

Од скромен пласман до статус на класик

И покрај тоа што во моментот на излегувањето албумот не бил комерцијален хит, со текот на времето албумот го добил заслуженото место. Бендот продолжил да објавува уште седум студиски албуми, до „Naked“ во 1988 година, а нивниот концертен филм и истоимениот саундтрак „Stop Making Sense“ поминале 119 недели на „Билборд 200“.

Во ноември 2024 година, по повод годишнината, албумот бил повторно издаден во проширено, луксузно издание, со бонус-материјал и живи снимки.

е-Трн да боцка во твојот инбокс