Светски ден на рисот: Македонија го чува еден од најретките симболи на Балканот

Балканскиот рис е еден од најретките симболи на македонската природа. Неговата заштита значи зачувување на планините, шумите и дивината што сè уште опстојуваат во земјата.

На 11 јуни се одбележува Светскиот ден на рисот, ден посветен на една од најтаинствените и најретки диви мачки во Европа. За Македонија, овој ден има посебно значење, затоа што токму кај нас се наоѓа едно од последните јадра на балканскиот рис.

Балканскиот рис не е само уште едно диво животно во македонските планини. Тој е симбол на дивината, на недопрените шумски предели и на кревката рамнотежа меѓу човекот и природата.

Овој подвид на евроазискиот рис е критично загрозен и живее само на мал дел од Балканот. Неговите најважни засолништа се во Националниот парк „Маврово“ и околината во Македонија, како и во планинските предели во Албанија.

Затоа, кога зборуваме за заштита на балканскиот рис, не зборуваме само за едно животно. Зборуваме за зачувување на цели екосистеми, шуми, планини, плен, мирни живеалишта и природно наследство кое лесно може да се изгуби. Токму затоа, ви претствуваме неколку интересни факти за него.

Името на рисот доаѓа од неговите сјајни очи

Името „рис“, односно lynx, се поврзува со сјајот и светлината, поради неговите впечатливи очи кои силно ја рефлектираат светлината.

Токму затоа, во народната имагинација рисот често се доживува како мистично животно: тивок чувар на шумата, кој гледа многу повеќе отколку што човекот може да забележи.

Но зад таа симболика стои многу реална приказна. Рисот има одличен вид и слух, се движи претпазливо и најчесто избегнува контакт со луѓето. Поради тоа, неговото присуство најчесто се докажува преку фотозамки, траги и долгорочни теренски истражувања.

Територијата на еден мажјак може да биде голема колку Скопје

Возрасен мажјак балкански рис има огромна територија. Таа може да се движи од околу 220 до 700 квадратни километри, што значи дека еден рис може да користи простор споредлив со големината на Скопје.

Ова покажува зошто неговата заштита не може да се сведе само на едно мало шумско подрачје. На рисот му треба голем, поврзан и мирен простор за движење, лов, размножување и опстанок.

Токму тука лежи една од најголемите закани. Сечењето шуми, фрагментацијата на живеалиштата, инфраструктурните проекти, недостигот на плен и криволовот го намалуваат просторот во кој рисот може безбедно да живее.

Ако исчезне просторот, исчезнува и шансата за опстанок на видот.

Бистри, Атиџе и Мартин се „нашите“ рисови

Во изминатите години, дел од балканските рисови добија имиња и станаа препознатливи за јавноста. Бистри, Атиџе и Мартин не се само имиња од теренските белешки, туку симболи на напорите да се следи, разбере и заштити ова животно.

Преку фотозамки, GPS-околувратници и теренски истражувања, научниците и заштитниците на природата собираат податоци за движењето, територијата, здравјето и однесувањето на рисовите.

Овие податоци се важни затоа што балканскиот рис е многу редок. Секоја единка е значајна, а секоја нова информација може да помогне во подобро планирање на заштитата.

Затоа јавноста треба да ги знае нивните имиња. Кога едно животно добива име, станува поблиско. А кога станува поблиско, станува полесно да се разбере зошто мора да се заштити.

Дваесет години борба за закрепнување на балканскиот рис

Програмата за закрепнување на балканскиот рис почна во 2006 година, како одговор на алармантната состојба на овој подвид. Денес, речиси две децении подоцна, таа претставува еден од најважните долгорочни регионални напори за спас на критично загрозен вид.

Во Македонија, Македонското еколошко друштво е еден од клучните носители на активностите за истражување и заштита на балканскиот рис. Работата не се состои само во следење на животните, туку и во соработка со локалното население, институциите, националните паркови и партнерите од регионот.

Ова е важна борба затоа што балканскиот рис не признава државни граници. Тој се движи низ планински предели, низ шумски коридори и преку простори што ги поврзуваат Македонија, Албанија и Косово.

Неговата заштита мора да биде регионална, но одговорноста на Македонија е особено голема. Ако Маврово и околните планини останат без рис, Балканот ќе изгуби дел од својата природна историја.

Зошто рисот е важен за Македонија

Рисот е врвен предатор. Тоа значи дека има важна улога во одржувањето на природната рамнотежа, затоа што влијае врз бројноста и движењето на пленот и индиректно врз здравјето на целиот екосистем.

Таму каде што има рис, има и доволно дивина, доволно шума, доволно плен и доволно мир. Неговото присуство е знак дека природата сè уште има сила да се обновува.

За Македонија, балканскиот рис е и дел од националниот идентитет. Тој е симбол што го имаме на монетата од пет денари, но неговата вистинска вредност не е во симболиката, туку во фактот дека сè уште живее во нашите планини.

Светскиот ден на рисот е потсетник дека заштитата на природата не е далечна тема. Таа почнува од нашите планини, нашите шуми и нашата одговорност да не дозволиме едно од најретките животни во Европа да стане само спомен.

е-Трн да боцка во твојот инбокс