Наградата „Милан Младеновиќ“ годинава ќе биде доделена по осми пат, на 21 септември 2026 година во Белград, традиционално на денот на раѓањето на Милан Младеновиќ.
Жирито во состав Павица Чабријан од Хрватска, Немања Ѓорѓевиќ од Србија, Лада Фурлан Заборац од Хрватска, Јован Матиќ од Србија и Ана Радоњиќ – Зое Кида од Србија ги избра петте суперфиналисти.
Во суперфиналето влегоа:
- Жива – „Атом“
- Покет Палма – „Боли ме“
- Роба без грешке – „Без тебе“
- Долорес и Ретроспектива – „Ко гаси светло“
- Леле и Јелена Петошевиќ – „Игра Бела мечка“
На конкурсот годинава пристигнале 173 песни што ги исполниле условите. Жирито најпрво избрало 47 песни за полуфиналето, а потоа и 12 финалисти. Песните на финалистите ќе бидат објавени на промотивна компилација во продукција на Задужбината „Милан Младеновиќ“.
Осмиот добитник на наградата ќе добие парична награда од 3.000 евра и специјална статуетка изработена во соработка со Футро Дизајн Студио.
Покрај главната награда, лауреатот ќе добие можност да настапи на неколку значајни регионални фестивали со кои Задужбината веќе соработува – Арсенал Фест во Крагуевац, ШИП Мјузик Фестивал во Шибеник и Модро и Зелено во Макарска.
Предвидени се и дополнителни признанија за финалистите. Најиновативниот тапанар или тапанарка ќе добие ексклузивен „Фирче Драмс“ добош, додека најинтересниот вокален изведувач или изведувачка ќе биде награден со микрофон од „Митрос Мјузик“. Ќе биде доделена и награда за најдобар текст, која вклучува врамен ракопис на Милан и вредносен ваучер од „Булевар Букс“ од Нови Сад.
Досегашни добитници на наградата „Милан Младеновиќ“ се Артан Лили во 2019, Драм во 2020, Ана Ќурчин во 2021, македонската музичарка Дина Јашари во 2022, Љубичице во 2023, Немечек во 2024 и Елена Васова во 2025 година.