Search

Сунаи Сабриоски: Јас сам по себе сум информација

Велат дека најтешко е човек да зборува сам за себе. А познавајќи го од ТВ екраните, но и како колега, а и човек екипата на Трн ова саботно утро го почна денот со новинарот Сунаи Сабриоски. По лична карта е од градот под Марковите Кули, но патот на образованието ќе го донесе во Скопје. Повеќе од една деценија го гледа животот низ новинарска призма, пулсирајќи во ритамот на брзото и турбулентно време кое носи предизвици и искушенија на секој чекор, особено за еден млад човек кој решил да го напушти семејниот дом затоа што родниот град, како што вели самиот, за жал е припоен на оние кои полека, но сигурно го губат духот и сјајот. Го прашавме пушта ли солзи на темите кои ги работи, кои и како ги одбива, но и од каде фразата: „Ете го мртовецот жив е…“. Меѓу другото одговори и на тоа кој би боцнал кога би бил трн макар на еден ден.

Сунаи Сабриоски, две С – случајно или намерно?
Појма немам да дадам конкретен одговор, се што знам е дека кога сум се родил битката било околу името. Изборот бил помеѓу сегашното име поврзано со некој турско-куртски актер, а второто име било Санталјано според некој фудбалер. Крајната одлука мајката ја донела во болница и ете дете порасна се шета под името Сунаи. 🙂

Каква информација сподели на јавноста кога прв пат се појави на ТВ?
Па јас сам по себе сум информација, хахаха. Се шалам, првото вклучување во живо мислам дека беше поврзано со малолетници кога се избодеа со ножеви пред НБРМ, знам дека едниот беше син на поранешен градоначалник, а од прилози мислам дека беше социјална приказна поврзана со многудетно семејство. И се сеќавам дека за тој прилог стендапот го снимав со снимателот преку 20 пати, бидејќи допирна врска немав со тоа што треба да го направам, а го викаме стендап… 🙂

Политика или култура и зошто?
Без размислување КУЛТУРА. Мислам дека сме отруени со политика која е присутна во сите пори од нашето битисување, не дека е погрешно но е премногу. Не знам што треба да се направи, не сум најпаметен, но мислам дека вклучително и ние како новинарска фела придонесуваме за тоа што културата со цела нејзина раскошност е закопана. Даваме простор на култура која лесно ја претвораме во црна хроника – на таква култура не мислам. Мислам на чистата форма која во себе содржи и едукативна компонентна, но и образовна. Сметам дека културата може да придонесе кон далеку поздраво општество. Недостига домашна продукција, производи како „Умни глави“, „ Наше Маало“, „Големи и мали“, денес мислам дека единствен таков производ е тинејџерската серија „Тин камп“ и тоа е за поздравување но ете тоа нека биде поттик за многу поголема продукција.

Знаеш ли да одбиеш тема и како го правиш тоа?
Апсолутно да, тешко е некогаш не би за формите како тоа се прави, веројатно секој индивидуално наоѓа сопствени начини како нешто да одбие. Проблемот во нашето општество е кога нешто ќе одбиеш или не се согласуваш се сфаќа како зло. Бидејќи ние новинарите сме премногу суетни со превисоко его често тоа може и да придонесе за нарушување на менталното здравје, бидејќи ако си одбил одредена задача не треба да се сфаќа како одбивање на извршување на работната задача, но ете во нашата професија најчесто тоа се сфаќа погрешно и се бараат начини како да се возврати на одбиеното.

Си плачел ли на свој прилог?
Аууу дааа! Имало солзи радосници, но и такви неубави моменти.

Мислам дека бев на раб на нервен слом кога ми ја испокасапија репортажата за „Шарена џамија“ не знам од кои причини, а сега искрено не ни сакам да ги знам, не ме интересира, само знам дека беше работена со многу ентузијазам за убав продукт, но ете таму некој од непознати причини одлучи дека ќе ја масакрира таа репортажа и не ја виде светлината во целост.

Една од најдрагите стории која е работена со цело срце и душа е и онаа за малите Мите и Кате од Старо Нагоричане. Приказна која допира буквално до секој еден човек.

За смртта на малата Вања мислам дека не можев да се контролирам тоа беше спој на бес, револт и гнев, не ми беше сеедно, едноставно имав внатрешно емоционално растројство во тој момент не можев никако да кажам дека девојчето е пронајдено мртво. Па следеа коментари, новинар си не треба да покажуваш емоција и такви некои небулози од луѓе кои секогаш ќе се обидуваат да ти солат памет.

Сум плачел на приказната со рударите од Македонска Каменица, тука многу ми помогна таткото на Снеже Велков. Тешки човечки приказни на кои едноставно не можеш, а да не пуштиш солза.

На приказната со Атиџе, бев тргнал за една работа, но приказната се разви на нива берејќи тутун, прекрасна жена, мислам дека ниту мајка ми не била толку искрена колку што Атиџе беше со мене па и така впрочем се направи целиот пресврт во првичната идеја за таа репортажа. Нејзината приказна, нејзината ведрина и таа љубов која ја шири особено со пчелите и медот е нешто непроценливо, таа жена е ендемска со чисто срце.

Солзи радосници беа кога го правев прилогот за првиот училишен ден, први септември, со учениците од О.У. „Коле Неделковски“, каде главен фраер беше малиот фудбалер Давид Кузмановски, се разбира и сите останатите дечиња кои беа дел од тој прилог, а јаготката на шлагот беше малата Малина која сака да биде тату-мајстор.

Имало многу ситуации за кои сум пуштил солза, имаше и една приказна за една самохрана мајка која ги доживеала речиси сите форми на семејно насилство тука многу помогнаа дечките од ДНК кои се сеќавам правеа и хуманитарен концерт во ГТЦ.

Меѓу солзите беа и тие додека траеше снимањето со Наташа, жената што го победи ракот, тоа беше доста тешко за слушање па и двајцата си заплакавме, па еве денес сме си пријатели.

Има солзи, посебно кога се работи за човечки приказни – не е сеедно да ги слушаш приказните за нечии животи, но убавото е во тоа што од нив учиш, созреваш, стануваш поцврст и похрабар.

Како го доживеа моментот кога се појави фотографијата со „IN MEMORIAM“?
Искрено, првиот момент ми беше смешно, се шегував на своја сметка, но веќе следниот момент чувството не беше пријатно. Не беше пријатно кога почнаа да се јавуваат и да пишуваат со цел да проверат дали си жив. Времето лечи се, денес често знаеме да се зезаме на моја сметка како еве го мртовецот жив е. 🙂

Секогаш елегантен со одело, вратоврска, шешир… Ти се плашат ли политичарите?
Нее. Нема ни потреба од тоа, а ниту го сакам тоа. Има доста фини луѓе и во тој свет кои знаат да почитуваат. Не сум човек од кого некој треба да се плаши. Во принцип не се плашам од животни, но се плашам се повеќе од луѓето тие се поопасни од животните.

Дискриминација на своја кожа…?
Имало и ќе ја има, но времето ме научи на тоа да не обрнувам внимание. Едноставно луѓе сме, сите ние живееме со некакви предрасуди и стереотипи така да ако некој го прави среќен со тоа што ќе се обиде да ме дискриминира или омаловажи нека му е со среќа хахах. Интересни се обидите за некаков вид на дискриминација која доаѓа од политички ботови, од овие што често се на некој платен список тие веднаш ќе ти пресудат затоа што се продале па мора некако да си го оправдат приходот.

Што прво ти велат луѓето кога ќе те сретнат на улица?
Има секакви моменти, најчесто тоа се луѓе кои сакаат да поразговараат, да споделат дел од нивниот живот исполнет со среќа и тага. Ми пријаат луѓето кои искрено ќе ти пристапат и ќе ти кажат што им се допаѓа, а што не. Најчесто приоѓаат со зборовите „убаво си ја работиш работата“ и така некако се развива муабетот и така сфаќаш дека има прекрасни луѓе кои не ти мислат лошо, но сакаат да ти дадат некаков коментар.

Кога би бил трн макар на еден ден кој би боцнал?
Веројатно тоа би биле некој од креаторите на политиките за урбан развој на градовите, веројатно тоа би го направил се со цел да им се даде до знаење дека развојот на една држава не се состои во стационирање на сите нешта само во еден град, дека секој град заслужува еднаков третман во развојот, бидејќи на тој начин ќе има повеќе можности во спротивно ќе имаме изумрени градови кои имале огромни потенцијали, но некој таму одлучил преку тивка политика таквите градови полека да изумираат. Во неразвиени градови не само млад човек, не би седел ниту возрасен. Мислам дека сериозно треба да се обрне внимание и на останатите градови – да се врати животот во истите!

Најново

Последни колумни