По три децении започнува судењето за убиството на Тупак Шакур

Речиси 30 години по убиството на легендарниот рапер Тупак Шакур, во Лас Вегас започнува долгоочекуваното судење против Дуејн „Кифи Ди“ Дејвис. Обвинителството тврди дека тој го организирал нападот во 1996 година, додека обвинетиот ја негира вината.

По речиси три децении неизвесност, во Лас Вегас започнува судскиот процес за едно од најпознатите нерасчистени убиства во историјата на музиката – ликвидацијата на американскиот рапер Тупак Шакур. 

На обвинителна клупа ќе седне 63 годишниот Дуејн „Кифи Ди“ Дејвис, единствениот човек обвинет за убиството на Шакур. Тој е обвинет за убиство со употреба на смртоносно оружје со намера да помогне на криминална група и од апсењето во 2023 година се наоѓа во притвор. Од самиот почеток тој се изјасни дека не е виновен. 

Тупак Шакур беше смртно ранет на 7 септември 1996 година во Лас Вегас, неколку часа по боксерскиот меч на Мајк Тајсон. Додека се возел во автомобил со основачот на Death Row Records, Мерион „Сјуџ“ Најт, непознати напаѓачи отвориле оган врз нивното возило. Шакур почина шест дена подоцна, на само 25 години. 

Обвинителството тврди дека нападот бил организиран како одмазда по тепачката меѓу Тупак и Орландо Андерсон, внук на Дејвис, која се случила непосредно пред пукањето. Иако сè уште не е утврдено кој ги испукал смртоносните куршуми, обвинителите сметаат дека Дејвис бил организаторот на нападот и го обезбедил оружјето. 

Клучен дел од доказите на обвинителството се јавните признанија на Дејвис дадени во телевизиски интервјуа и во неговата автобиографија од 2019 година. Одбраната, пак, тврди дека тие изјави биле измислени со цел да привлечат медиумско внимание и дека не можат да се сметаат за веродостоен доказ. 

Судењето се очекува да трае околу пет недели, а меѓу сведоците ќе бидат поранешни полициски функционери, телохранители и лица поврзани со музичката индустрија од тоа време. Случајот повторно го насочи вниманието кон едно од најконтроверзните убиства во историјата на хип хоп музиката. 

е-Трн да боцка во твојот инбокс